/ Прочитано:

1.273

Компаниите иницираат измени на правилници од областа безбедност и здравје при работа

На состанокот на Групацијата за безбедност и здравје при работа се расправаше за изменување и дополнување на: Правилникот за начинот на бодување на активното и пасивното учество во обуките за стручно усовршување на стручните лица за безбедност при работа и формата и образецот на потврдата за стекнатите бодови за учество на обуката за стручно усовршување; Правилникот за стручно усовршување на стручни лица од областа безбедност при работа и за изменување и дополнување на Правилникот за висината на трошоците за извршување стручни работи за безбедност при работа.

На состанокот се истакна дека измените и дополнувањата на Правилникот за начинот на бодување на активното и пасивното учество во обуките за стручно усовршување на стручните лица за безбедност при работа и формата и образецот на потврдата за стекнатите бодови за учество на обуката за стручно усовршување, на Правилникот за стручно усовршување на стручни лица од областа безбедност при работа со кој се регулира издавањето лиценци за стручните лица од оваа област се бараат бидејќи не соодветствуваат со условите во нашата земја. Се истакна дека самото бодување е нефункционално и потребно е да се градира.

Исто така, на состанокот на Групацијата за безбедност и здравје при работа беа усогласени изменувањата и дополнувањата на Правилникот за висината на трошоците за извршување стручни работи за безбедност при работа.

Со Правилникот за висината на трошоците за извршување стручни работи за безбедност при работа се пропишува висината на трошоците за извршување на стручните работи за безбедност при работа врз основа на видот, начинот, обемот и местото на извршените стручни работи.

Се констатира дека периодот на имплементација во пракса на овој правилник уште на почетокот покажа дека унифицираните цени за услугите не се реални и дека не треба да се унифицираат, односно дека висината на цената мора да биде во правопропорционален однос со обемот и сложеноста на услугата која се испорачува, а сè во зависност од специфичноста на дејноста на работодавачот, односно компанијата во која се извршува.

Имено, ако се говори за услугата – обука на вработените за безбедност и здравје при работа, потребното време и потребните човечки ресурси за подготовка на: програма за обука, презентација за обука, тестови за проверка на стекнати знаења, за спроведување на теоретскиот и практичен дел на обуката, за евалуација на обуката, за изготвување документација од спроведената обука, во голема мера варира од работното место. Не е исто да се спроведе обука за безбедност и здравје при работа на административен работник и обука за безбедност и здравје при работа на висина на инсталатер на телекомуникациска опрема.

„Ако се зборува за услугата изработка на проценка на ризик – потребното време и потребните човечки ресурси за увид на лице место, снимање на работното место и работните задачи на вработените, разговор/анкета со вработените, увид во постојната документација (на пример, спроведени здравствени прегледи, случени повреди во изминат период, важечки стручни наоди од спроведени прегледи и испитувања на средствата  за работа, на условите во работната средина – микроклима, осветлување, хемиски штетности и друго) за давање приказ на технолошкиот и работниот процес, опис на средствата за работа и опис на средствата и опремата за лична заштита при работа, спроведување, препознавање и утврдување на опасности и штетности на работното место и работната средина, одредувањето на нивото на ризик, утврдување на начинот и мерките за отстранување, намалување или спречување на ризикот, апсолутно е различно за работно место административен работник и за работното место инсталатер на телекомуникациска опрема“, беше констатирано на состанокот.

Во измените и дополнувањата на Правилникот не се опфатени електричните мерења бидејќи ќе се бара нов правилник за овие мерења. Поради погоре наведените причини, примената на овој Правилник води кон намалување на квалитетот на услугите кои се испорачуваат од страна на стручните лица и овластени компании, а секако и кон деградирање на инженерскиот кадар – стручните лица за безбедност при работа.

М.В