/ Прочитано:

3.890

Компаниите недоволно ја користат арбитражата

Арбитражното решавање на споровите, кое се одликува со голема ефикасност, квалитет и брзина на постапката, и стручноста на арбитрите кои постапуваат во споровите можат да придонесат за враќање на довербата во правосудниот систем во државата, истакнаа денеска од Постојаниот суд Арбитража при Стопанската комора на Македонија.

Од Арбитражниот суд велат дека компаниите сè уште недоволно ја користат арбитражата како можност за  решавање на споровите, но дека во последно време сè поголем број домашни компании вметнуваат клаузули за арбитража во договорите.

„Арбитражата при Стопанската комора на Македонија може да се пофали со голема ефикасност на постапката, имајќи предвид дека просечното времетраење на постапката изнесува 232 дена (7,5 месеци) и тоа се однесува од моментот на поднесување на тужбата до моментот на донесување на правосилната одлука. Во практиката Арбитражата бележи и случаи на траење на постапката од 125 дена (речиси 4 месеци), што за компаниите значи значителна заштеда на време и трошоци за решавање на споровите кои произлегуваат од нивното работење“, нагласуваат од Постојаниот суд Арбитража при Стопанската комора на Македонија.

Од Постојаниот суд Арбитража се надеваат дека бројот на спорови ќе се зголемува. Годишно, додаваат од Постојаниот суд,  се решаваат над 10 спора, но кога ќе видиме дека во последниве неколку години во Македонија се решаваат исклучително мал број на стопански спорови во судовите, сметаме дека довербата во правосудниот систем е комплетно изгубена и наше е да пробаме да помогнеме таа да се врати во целост.

М.В