/ Прочитано:

1.683

Компаниите од областа на производството и трговијата со оружје бараат нов Закон за оружје и поедноставена регулатива

Групацијата за оружје и опрема во рамките на Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија укажува на неопходноста од усогласување на регулативата со цел унапредување на дејностите поврзани со производството и трговијата со оружје, експлозивни и опасни материјали, пиротехнички средства и опрема за воена и цивилна намена.

Димитар Мангутов, претседател на Групацијата за оружје и опрема, на прес-конференцијата во Коморатавели дека компаниите бараат усогласена и јасна регулатива, особено донесување нов Закон за оружје и опрема усогласен со европските директиви, за што веќе и доставиле свои предлози до Министерството за внатрешни работи.

Бараме, нагласуваат од Групацијата, поедноставување на постапките за производство и трговија со оружје, како и поедноставување на постапката за добивање на неопходните дозволи од Министерството за економија.

Членовите на Групацијата бараат поголема соработка со надлежните државни институции и веќе имаат покренато иницијативи за конкретни средби со ресорните министри од Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Министерството за економија, како и Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Како еден од  најголемите актуелни проблеми на Групацијата се истакнува и невклученостa на домашните компании во тендерите што ги распишуваат македонските министерства. Исто така, посочуваат од Групацијата, во изминатиот  период многу тешко или никако не можеше да се добијат дозволи (за транзит, увоз, извоз, реекспорт и др.) кои се во надлежност на Министерството за економија.

Потребно е да се добиваат насоки преку правилник или подзаконски акт за техничките, просторните и други критериуми за добивање безбедносен сертификат за правно лице од степен „доверливо“ и расчистување нејаснотии со кои членовите на Групацијата секојдневно се судруваат во својата работа од оваа област, а кои се однесуваат на контакт и кореспонденција со странски  лица и компании, преводи и заверки на документи со класифицирани информации и друго.

М.В