/ Прочитано:

1.209

Компаниите укажуваат на недоречености во градежната регулатива

Недореченостите во законската регулатива и понатаму претставуваат еден од најгорливите проблеми на градежниот сектор.

На  седницата на Здружението на градежништвото, индустријата за градежни материјали и неметалите, при Стопанската комора, бавноста на постапката за издавање на одобренијата за градење, административните процедури и несоодветната уреденост на одредени прашања во Законот за градење  беа посочени како едни од клучните причини поради кои во идниот период е потребно донесување на нов законски текст во којшто ќе бидат имплементирани предлозите за кои изминатиот период постојано се залагаше бизнис-заедницата.

Овие измени се однесуваат на посоодветно уредување на критериумите за добивање на лиценците и овластувањата за проектирање, ревизија, изведба и надзор, предвидување законски критериуми и квалификации за лицата вработени во надлежните органи во постапката за издавање на одобренијата за градење, дополнување на категоризацијата на објекти со уште една категорија – сложени објекти со нивна соодветна уреденост во Законот за градење.

На сеницата на градежните компании се дискутираше и за проблемите поврзани со имплементацијата на Законот за просторно и урбанистичко планирање, кој во моментот е во процес на подготовка и донесување со цел да даде придонес во додефинирање на одредени постулати кои претставуваат спој на претходниот и новиот закон заради континуитет на постапките, започнатите акти на донесување и спроведување на планските документации, стекнатите права на досегашните учесници во градбата, следење на потребата за развој во просторот, прибирање на податоците, нивно чување, модернизирање и упростување на постапките.

Компаниите ја нагласуваат потребата за дефинитивно отпочнување на процесот за донесување на Законот за посредување во прометот на недвижностите што претставува клучна заложба на Групацијата на агенции за недвижности во рамките на Здружението, во изминатите неколку години.

Во присуство на претставниците на Институтот за стандардизација на Република Македонија се констатираше дека имплементацијата на стандардите за градежните производи е особено значаен сегмент за квалитетот на градбите и зголемување на конкурентноста на компаниите за настап на странски пазари, но ја посочија потребата од поголема контрола на увезените производи, при што со инклузивност на сите чинители треба да се дејствува во насока на зголемување на квалитетот на градежните производи на пазарот во РМ.

М.В