/Прочитано:

299

Компаративните искуства за криминалот од омраза користени при подготовката на измените на Кривичниот законик

Пресекот на анализата за компаративното законодавство за криминалот од омраза овозможува да се забележат определени трендови кои даваат насоки за унапредување на националното законодавство, образложуваат од Министерството за правда во предложените измени на Кривичниот законик.

Повеќето земји го прифаќаат дискриминаторниот модел наспроти моделот на непријателство при дизајнирање на законските одредби за криминал од омраза.

При ваквиот модел доволно е да се докаже дека сторителот го сторил кривичното дело „поради“ карактеристиката на жртвата, без разлика дали негувал инхерентна омраза за жртвата или групата. Со прифаќање на овој модел обвинителот нема да има потреба да го докажува постоењето или степенот на омраза кај сторителот, што самото претставува и една исклучително тешка обврска. Постојните одредби од македонското кривично законодавство се изградени токму на дискриминаторниот модел.

Дефинирањето на криминалот од омраза во општите дефиниции во кривичните законици, се посочува во законското образложение, е повеќе исклучок отколку правило. Хрватска има општа дефиниција на криминалот од омраза, додека БиХ има дефиниција само на омразата.

Останатите држави имаат мешан систем на дефинирање во одредбите за одмерување на казната, во потешките облици на кривичните дела, како и во посебните дела на криминал од омраза. Дефиницијата на криминалот од омраза доведува до поголема сигурност во правниот систем за елементите на таквите кривични дела, како и полесно регистрирање од страна на судските системи за евиденција.

Иако Обединетото Кралство нема изречна дефиниција, сепак таа држава води една од најдобрите статистики за криминал од омраза во рамките на ОДИХР. Во случај кога нема воспоставен ефикасен механизам на регистрација како кај Обединетото Кралство, поставување на криминал од омраза во посебен член преку негово дефинирање претставува очигледна потреба. Во однос на самото дефинирање на криминалот од омраза како кривично дело мотивирано од пристрасност, не постои разлика кај ниедна од анализираните држави.

Во однос на омразата како отежнувачки елемент пресекот на анализата покажува дека најчесто се додава дополнителен став на кривичното дело кој дава заострена санкција. Кривичните дела кои најчесто се среќаваат се: убиство, телесна повреда (различен степен), уништување на имот, како и предизвикување нереди. Исто така, се забележуваат и посебни кривични дела во смисла на предизвикување на омраза (расна, национална, религиска итн.), расна и друга дискриминација, излагање на подбив итн.

Се забележува дека овие кривични дела служат како дополнување на отежнувачката околност при одмерување на санкцијата и со ваквите дела (или отежнителни ставови) се испраќа порака од законодавецот дека истите ќе бидат казнети построго. За поздравување е решението од Обединетото Кралство дека доколку се утврди дека криминалот е извршен од омраза, тоа јавно се објавува и се потврдува построгата санкција за сторителот пред пошироката јавност. Со тоа се дава заштита како на непосредната жртва така и на целата група која ја дели заштитената карактеристика со жртвата.

Бројот на заштитени карактеристики варира од една држава до друга во зависност од правната традиција, како и од вредностите на самото општество. Видливо е дека во Полска доминираат заштитата на религијата или отсуството на религиското верување, додека во Обединетото Кралство доминантна е заштитата на расата и религијата. Сепак, и во поновите измени на традиционалните законодавства (Обединето Кралство) се гледа воведување на нови заштитени карактеристики, како: сексуална ориентација, хендикеп, како и родов (и трансродов) идентитет. Сè поголем број држави од Европската Унија ги заштитуваат овие „нови“ карактеристики, кои прераснуваат и во обврска за земјите кандидати за Европска Унија, што се гледа од извештаите за напредокот во Поглавјето 23. Од друга страна, може да се забележи дека ниедна држава нема премногу широка и отворена листа на заштитени карактеристики. Широката палета на заштита претежно е оставена на антидискриминационото законодавство и разрешувањето на таквите случаи е во надлежност на граѓанските судови.

Кај криминалот од омраза тие се поединечно наброени да ги покриваат примарно: расата, религијата, етничката припадност, националноста и полот. Потоа доаѓаат: сексуалната ориентација, хендикепот и родовиот идентитет, и на крај се забележува дека одредени земји имаат и заштита на „политичко уверување“. Иако постои дебата дека треба да се заштитуваат единствено карактеристиките кои не се лесно менливи, сепак политичката определба може да биде и тоа како застапена основа, а вршењето на кривични дела и нападот на политичките слободи всушност претставува сериозен удар на демократското општество.

Во врска со мотивацијата на сторителите, се истакнува во законското образложение, битно е да се споменат примерите каде што сторителот се казнува и тогаш кога погрешил во неговата перцепција за жртвата, но сепак го сторил кривичното дело или криминалот од омраза по погрешна перцепција, како и по асоцијација. Имено, доколку некој планира да нападне Роми и го нападне првиот што му „личи“ на Ром, тогаш сторителот треба да одговара за криминал од омраза, а не за основно дело на напад. Истото важи и кога некој е нападнат „затоа што се дружи со Роми“, односно сторителот го асоцира со целната група на нападот.

За крај, може да се забележи и дека некои земји казнуваат со потешки казни и дела, кои не се кривични дела, туку се прекршоци, како: инциденти на спортски натпревари, вознемирување на јавен ред и мир, доколку истите се со порака на омраза против некоја група.

Што се предвидува во текстот на предложените измени на Кривичниот законик објавен од Министерството за правда

Измени на Кривичниот законик во врска со криминалот од омраза

М.В