/ Прочитано:

1.616

КОМПЈУТЕРСКИ КРИМИНАЛ: Брзиот развој на технологијата — предизвик за правниците

Компјутерскиот криминал како негативна појава беше тема на конференцијата која во организација на ЕЛСА РМ се одржа викендов на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Што претставува комјутерскиот криминал, облиците во кои се појавува, алатки за превенција од напад на електронските уреди, дигиталната форензичка анализа беа  клучните аспекти на кои се осврнаа предавачите. 

Доц. д-р Драги Рашковски од  Правниот факултет ,,Јустинијан Први“, зборуваше за  мрежно крадење на лични податоци. Тој низ примери објасни како да се препознае малициозен софтвер кој има за цел напад на уред и кражба на податоци. Рашковски на учесниците им порача доколку се жртви на компјутерски криминал да ги применат институтите самозаштита и самопомош.

,,Да дигитализираме се’ освен љубовта и така никој нема да биде повреден. Не очекувајте помош од државата, доколку сте жртва на компјутерски криминал, туку едноставно применете ги институтите: самозаштита и самопомош. Доколку ви го зарази некој компјутерот со вирус вие што правите? Не се јавувате во полиција да пријавите, туку на некој кој ќе ви го реши проблемот. Луѓето не чекаат помош и интервенција од државата, бидејќи тоа може да биде многу долг процес кој би им го попречил секојденовното функционирање, па самите на себе си помагаат“, нагласи тој.

Проф. д-р Сашо Гелев од Електротехничкиот факултет при Штипскиот Универзитет, зборуваше за технолошките основи на дигиталната форензичка анализа, појаснувајќи како еден доказ во електронска форма треба да се испита и како се претстави пред судот во форма на вештачење. 

„При вештачење на дигитални докази секогаш правете копија на оригиналниот документ. Компјутерите поседуваат бинарен систем. Секоја промена извршена на оригиналниот документ го менува неговиот код и сето тоа може негативно да се одрази при приложување на вештачењето во судска постапка, па дури и да се смета за нерелевантен доказ“, истакна Гелев.

Доц. д-р Александар Туџаров исто така од Електротехничкиот факултет при Штипскиот Универзитет зборуваше за предизвиците при користење на мобилните уреди. Туџаров сподели корисни информации во однос на превенцијата од напади на софтверот на мобилните уреди, како за видовите на напади.

„Постојано ги користите апликациите Playstore на уредите кои кои имаат Андроид оперативен систем и App Store на уредите кои имаат iOS оперативен систем и симнувате апликации кои не знаете колку се безбедни и дали зад нивната првична примена имаат некој друг малициозен пристап кој во позадина работи и ви ги крадат личните податоци. Дури и кога ќе станете свесни дека вашиот уред е нападнат од малициозен софтвер и го избришете истиот, пак не можете да бидете докрај сигурни дека таа апликација која ви го нападнала софтверот не инсталирала друга апликација која ќе може да работи самостојно и бев првичната. Бидете внимателни што инсталирате и дали имате потреба од сите тие апликации“, посочи Туџаров.

Според Маја Вељанова, претседателка на ЕЛСА, развојот на новата технологија е предизвик за правниците, а бројот на пријавени учесници на Конференцијата, пред се’ студенти од Правниот факултет, но и ФИНКИ, како и средношколци,  говори за актуелноста на темата.

„Компјутерскиот криминал е област која е регулирана само со неколку членови, но не тоа не е причина за да мислиме дека истата е нерелевантна и нечеста појава. Факт е дека употребата на новите уреди кои се произведуваат како резултат на брзиот развој на технологијата сама по себе е предизвик за правниците, бидејќи сето тоа доведува до потреба од регулирање на одредени ситуации кои би предизвикале правни последици“, вели таа.


E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk

Објавено: 16.11.2015