/ Прочитано:

4.557

„Кон инклузивно образование“ – извештај за вклученоста на децата со посебни потреби во редовното образование

Извештајот беше презентиран денеска со цел да се одбележи Меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3 декември, како и да се одбележи годишнината од потпишувањето на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Народниот правобранител Иџет Мемети потенцираше дека нивните укажувања и препораки се во насока на потсетување на надлежните органи  за обврските  што ги имаат во обезбедувањето услови и овозможувањето непречено остварување на правата на децата со попреченост, особено за децата кои се ранлива категорија. Секако, како што истакна Мемети, сето тоа треба да биде во согласност со домашната правна регулатива, во согласност со Конвенцијата за правата на детето и со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.

Деца во училница

„Кон инклузивно образование“ е насловот на извештајот од истражувањето за вклученоста на децата со посебни потреби во редовното образование, кое беше спроведено од страна на Канцеларијата на Народниот правобранител. Извештајот беше презентиран денеска со цел да се одбележи Меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3 декември, како и да се одбележи годишнината од потпишувањето на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.

ООУ „Лазо Ангеловски“ е едно од 20-те инклузивни училишта во земјава во кое има 26 ученици со посебни образовни потреби. Директорката на училиштето Милка Тримчевска информираше дека според Законот за основно образование, според кој родителот има право своето дете да го вклучи во редовното образование, и родителите на децата со посебни образовни потреби имаат право целосно да ги интегрираат своите деца во редовниот образовен процес.

„Во нашето училиште постои посебен инклузивен тим кој работи со децата со попреченост, за кои постојат посебна програма и планови според нивните можности. Во ООУ „Лазо Ангеловски“ се води посебна грижа за инклузија на децата со посебни образовни потреби, а сите ние им даваме максимална поддршка за да изградиме личности кои понатаму целосно ќе се интегрираат во општеството. Во ова училиште се донесени и акти, односно правилници кои на некој начин ја претставуваат програмата за работа со дечињата со посебни потреби и  правилник за утврдување на правото за индивидуалните образовни потреби и, секако, се работи на нивна целосна имплементација“, истакна Тримчевска.

Претставникот на Канцеларијата на УНИЦЕФ Елспет Ериксон рече дека квалитетно образование во секоја држава подразбира и целосна вклученост во редовното образование на децата со попреченост бидејќи само така може да се изгради здраво општество.

„УНИЦЕФ е голем поддржувач на спроведувањето на квалитетно образование, а на тоа има право секое дете, се разбира, и децата со попреченост. Инклузивното образование не е лесен процес. Тука е потребен максимален ангажман од страна на сите. Оние што директно работат со децата со попреченост мора да се максимално посветени бидејќи станува збор за исклучително динамичен процес. Во однос на ова прашање многу е важно да се вложат големи напори со цел надминување на постојните бариери. Инклузивното образование не треба да се сфати како нешто што е дополнително во наставата, напротив тоа треба да биде неделив дел од редовното образование“, истакна Ериксон.

Народниот правобранител Иџет Мемети потенцираше дека нивните укажувања и препораки се во насока на потсетување на надлежните органи  за обврските  што ги имаат во обезбедувањето услови и овозможувањето непречено остварување на правата на децата со попреченост, особено за децата кои се ранлива категорија. Секако, како што истакна Мемети, сето тоа треба да биде во согласност со домашната правна регулатива, во согласност со Конвенцијата за правата на детето и со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.

„Во пракса, за оваа група граѓани сè уште се употребуваат различни термини, но за нас децата со посебни потреби, со попреченост, со хендикеп, со инвалидност, не се поразлични од другите деца и нивната попреченост ја разгледуваме од аспект на човековите права. Неопходно е да се сфати и да се прифати дека состојбата на децата и на лицата со попреченост налага само различен начин во остварување на општите човекови потреби кои се исти за сите граѓани“, нагласи народниот правобранител.

Во заклучните согледувања од извештајот „Кон инклузивно образование“ е наведено дека законската и дел од релевантната подзаконска регулатива во нашава земја која се однесува на образованието на децата со попреченост не е во согласност со меѓународните стандарди во Конвенцијата за правата на детето и со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Отсуствуваат решенија кои ги ставаат интересите на детето во центарот на вниманието, а со тоа отсуствува и систем за поддршка во текот на целото школување. Во извештајот се вели дека правната регулатива во Македонија е повеќе насочена кон попреченоста на децата како медицинска категорија и кон адресирање на проблемите кои произлегуваат од неа, наместо кон потенцијалите на децата и нивните способности.

Затоа треба да се преземат мерки за целосна хармонизација и усогласување на регулативата во образованието на децата со посебни потреби, во согласност со двете конвенции. Една од препораките во овој извештај е и тоа дека во училиштата треба да се обезбедат услови за запишување на децата со попреченост во редовното образование, во согласност со нивните потреби, при што секое дете ќе ја добие потребната помош во воспитно-образовниот процес, ќе се приспособат условите со цел флексибилно да се искористат услугите од соодветните лица и институции. Исто така, во правната регулатива се препорачува инклузијата да се дефинира како дел од редовното образование и да се третира како индикатор за дискриминација и нееднаков третман на децата со посебни потреби.

А. Б.