/ Прочитано:

2.384

Кон Прирачникот за спроведување на мерките за следење на комуникациите

Прирачникот за спроведување на мерките за следење на комуникациите е нов труд на авторите д-р Џемали Саити, судија во Врховниот суд и претседател на Здружението на судии; м-р Андреј Божиновски, правен советник во Здружението на судии; проф. д-р Гордан Калајџиев; Спасенка Андонова, јавен обвинител; д-р Богданчо Гогов; Даниела Димовска, судија; д-р Јован Јовчески; д-р Билјана Каровска – Андоновска; Сандра Крстиќ, судија; Снежана Петровиќ – Арсовска и Наташа Сарамандова, јавен обвинител.

Која е целта на  Прирачникот за спроведување на мерките за следење на комуникациите?

„Европските земји, вклучително и Република Северна Македонија, бараат од нивните правосудни и безбедносно-разузнавачки служби да добијат судски наредби пред да користат посебни истражни мерки (ПИМ) или други методи за собирање информации што се сметаат за особено наметливи во однос на правото на приватност. Преку одобрувањето на ПИМ судиите и обвинителите дејствуваат како гаранти на владеењето на правото и ги балансираат интересите за обезбедување јавна безбедност, од една страна, и заштитата на човековите права и слободи, од друга страна. Од овие причини, а во рамките на Програмата што ја започна ДЦАФ во Северна Македонија во 2017 година за поддршка на националните власти за подобрување на отчетноста на безбедносниот и разузнавачкиот сектор, се планираше уште од самиот почеток да се вклучи (меѓу другите актери) и судскиот сектор преку Здружението на судиите на Северна Македонија во земјата и да помогне за развивање капацитети и експертиза во судското одобрување за следење на комуникациите“, вели судијата Џемали Саити, кој е еден од авторите на трудот.

Што опфаќа овој труд содржински?

„Како што укажа судијата Саити, проектот Прирачник за спроведување на мерките за следење на комуникациите е дел од Програмата на ДЦАФ за реформа на безбедносно-разузнавачките служби во Република Северна Македонија, која започна во 2017 година за поддршка на националните реформски напори за развој на одговорноста во безбедносно-разузнавачкиот сектор во согласност со европските стандарди и добри практики. Проектот има цел да го зајакне судскиот капацитет и експертизата во овластувањето и надзорот над употребата на посебните истражни мерки (ПИМ) за собирање информации од страна на безбедносно-разузнавачките служби. Прирачникот е подготвен од правни експерти и од самите членови на правосудниот систем за кои првенствено е наменет. Во Прирачникот се опфатени сите 12 ПИМ определени со закон со цел да се даде приказ на нивниот обем, како и со цел корисниците да имаат брз пристап до сите нив. Во исто време, мерките за следење на комуникациите се детално обработени.

Тој обезбедува концизен, практичен преглед на принципите и постојните стандарди кои би можеле да ги водат обвинителите и судиите во барањето, овластувањето и надзорот на следењето на комуникациите. Процесот на креирање на овој Прирачник траеше околу една година и беше реализиран од страна на одборот за надзор – група македонски судии, обвинители и правни експерти. Во таа насока, во првиот дел од Прирачникот е направен краток осврт врз личните права кои се потенцијално загрозени со примена на ПИМ и методите. Фокусот на овој дел од Прирачникот е насочен кон изложување на утврдените меѓународни принципи и стандарди и нивната содржина, како појдовна основа за усогласена примена на инвазивните мерки и методи. Анализата на наведените аспекти е проследена со осврт кон судската практика на Европскиот суд за човекови права и при тоа се посочени и презентирани одредени случаи поврзани со третираната материја. Во вториот дел од Прирачникот се поединечно обработени основните карактеристики на посебните истражни мерки кои се утврдени во националното законодавство, како и елементите кои се релевантни за поднесување барање и за одобрување на барањето за примена на овие мерки, времетраењето на примената, условите за проширување на наредбата за примена на мерките, известувањето на засегнатите лица, уништувањето на прибраните докази итн. Третиот дел од Прирачникот ги обработува мерките кои ги применуваат специјализираните државни органи, како што се воените и безбедносно-разузнавачките служби, со цел заштита на државата од дејствија кои можат да го загрозат нејзиниот опстанок, суверенитет, темелните институции или виталните вредности. Посебен акцент е ставен врз мерките за следење на комуникациите во интерес на безбедноста и одбраната на државата кои се промовирани со новата национална легислатива за следење на комуникациите. Четвртиот дел од Прирачникот ги обработува контролата и надзорот над примената на посебните истражни мерки, кои се институциите што се надлежни за нив, како и јавниот (независен) надзор врз нивната примена“, вели Андреј Божиновски, правен советник во Здружението на судии и автор на трудот.

Зошто е корисен трудот за стручната и пошироката јавност?

„Имајќи го предвид периодот што го помина Северна Македонија со неовластено снимените разговори и политичката криза, добро е да постои публикација преку која стручната и пошироката јавност би се едуцирале за заштита на нивните права и за механизмите што овие мерки ги имаат во интрузија на приватноста. Дополнително, преку анализа на меѓународните стандарди, а особено на јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права, како и преку анализа на националното законодавство во оваа сфера, Прирачникот преку четири посебни целини, кои се меѓусебно поврзани, обезбедува јасни и практични показатели и насоки кои треба да претставуваат појдовна основа за обвинителите и судиите во барањето, одобрувањето, примената и надзорот над имплементацијата на посебните истражни мерки и другите инвазивни методи за собирање информации од страна на безбедносно-разузнавачкиот сектор“, додава Божиновски.

M.В