/Прочитано:

905

КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ПОКВАЛИТЕТНО ОБРАЗОВАНИЕ: „Знаењето е знаење кога е стекнато со напор на сопствените мисли, а не со паметење“

Денеска во организација на Владата на РМ, Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика, заедно со УНИЦЕФ, започна меѓународна конференција насловена „Квалитетно образование за раст, резултати и подобра иднина“, која ќе трае до среда оваа недела.

Целта на тридневната конференција е да се отвори јавна дебата за тоа како најдобро да се забрза реформата на образовниот систем и да се подобри квалитетот на образованието, за да се намали јазот меѓу земјата и успешните образовни системи.

На првиот ден од конференцијата се обратија: претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев и  меѓународните експерти проф. Мајкл Вотерс од Универзитетот во Вулверхемптон, Велика Британија и поранешен директор за наставна програма и проф. Џејмс Артур од Универзитетот во Бирмингем, Велика Британија, кои ќе одржат воведни презентации за водечки глобални сознанија за тоа како секој ученик да го даде најдоброто од себе и како младите на училиште да изградат карактер и вредности.

Министерката за образование Рената Дескоска ја отвори сесијата за различните перспективи и предизвици во обезбедувањето квалитетно образование, на која Кристијан Аедо, раководител за образование во Светска банка за Европа и Централна Азија и Елизабет Фордам, виш советник за глобални односи за образование и вештини од ОЕЦД, споделија глобално знаење за клучните фактори за подобрување на учењето и стекнувањето вештини. Експерти од Словенија, Хрватска, Албанија и Србија, земји кои успешно работат на подобрување на квалитетот на образованието, споделија практични искуства од регионот.

На конференцијата беше нагласено дека знаењето е клучот за животните порти и ова искуство на светот е движечка мотивација на државите од светот да вложуваат во усовршување на своите образовни политики. Новата Влада на Република Македонија, истакна премиерот Зоран Заев, е определена за одржливи решенија во образовниот систем, во кој досега многу се експериментираше, а најголема штета од тоа претрпеа децата, учениците, студентите, носителите на иднината на државата.

„Толстој зборувајќи за учењето констатира дека ’знаењето е знаење кога е стекнато со напор на сопствените мисли, а не со паметење’. И нашата обврска број еден е да им го овозможиме на децата токму тоа – индивидуални знаења. Така се станува добар механичар. Така се станува и врвен научник.
Но нашите ученици учат многу предмети, а имаат лоши знаења, еве и според последните истражувања на ПИСА. Зошто е тоа така?! Можеби токму поради тоа што имаат многу предмети. ’Кој подеднакво знае сè, најчесто ништо не знае, не напразно вели една латинска поговорка“, додаде Заев на денешниот прв ден од конференцијата. Премиерот Заев во насока на подобрување на образованието најави законски измени и преземање мерки и активности во однос на учебниците, наставните програми и мотивацијата кај учениците и наставниците.

За образованието, беше истакнато на денешниот настан, големо влијание има предучилишното образование. За значењето на предучилишното образование, во текот на вториот ден, ќе говорат министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и светскиот експерт проф. Анџелика Понгута од Медицинскиот факултет при Универзитетот во Јејл, која ќе говори за најновите сознанија за раниот детски развој како основа за човечкиот развој.

„Оваа сесија е од критично значење, со оглед на моменталната стапка на опфат во предучилишното образование од 40 отсто во споредба со таргетот на ЕУ од 95 отсто. Во текот на вториот ден од конференцијата ќе се одржат две панел- дискусии. Првата ќе се фокусира на квалитетно инклузивно образование, со цел да се дискутира за начините за подобрување на пристапот и постигнувањата на децата со попреченост во редовното образование. Моментално само едно од четири деца во земјата посетува основно образование (28 отсто) и само 4,7 отсто од децата со попреченост посетуваат предучилишно образование. Втората панел- дискусија ќе отвори дебата за тоа како да се искористат богатите податоци достапни од меѓународните оценки, како што е рангирањето на Програмата за меѓународна оценка на учениците (ПИСА), каде што нашата земја е рангирана на 67. место од 70 земји“, посочуваат организаторите на конференцијата.

М.В