Конференција „Ефикасен поврат на имот во согласност со европските стандарди“
„Република Северна Македонија бележи напредок во однос на ефективното враќање на имотот. Зајакнувањето на националната законодавна рамка, институционалниот капацитет и регионалната соработка на Западен Балкан, се клучни за понатамошната борба против корупцијата и организираниот криминал“, беше речено на Конференцијата за ефикасно враќање на средствата во согласност со европските стандарди. Конференцијата, која се одржа на 5-ти ноември во Скопје, е организирана од Програмата за Западен Балкан на Центарот АИРЕ во партнерство со Министерството за правда на Република Северна Македонија и Регионалната антикорупциска иницијатива (RAI), поддржана од Владата на Велика Британија.
Во своето воведно излагање, Бојан Маричиќ, министер за правда на Република Северна Македонија, рече дека особено важен проект е подготовката на новиот Закон за утврдување на потеклото на имотот.
„Така кај нас за првпат ќе се воведе таканаречената „Конфискација“ во граѓанска постапка, како исклучително ефикасен модел за справување со организираниот криминал и корупцијата. При изготвувањето на овој закон, посебно се внимаваше на меѓународните стандарди, особено на судската практика на Судот во Стразбур и на бројните споредбени искуства од земјите во кои овој институт долго време се применува и се покажа како исклучително успешен“, рече министерот Маричиќ.
Република Северна Македонија сега е на пат кон формирање Национална канцеларија за поврат на имот, додека Законот за кривична постапка и Кривичниот законик се во процес на реформи во согласност со најновите случувања и препораки на ЕУ.
Претседателот на Европскиот суд за човекови права Роберт Спано рече дека: „Корупцијата ги загрозува владеењето на правото, демократијата и човековите права. Тоа ја загрозува стабилноста на демократските институции и моралните основи на општеството“.
Претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија, Беса Адеми, рече дека повратот на имот има големо значење за успешно спротиставување на криминалот.
„Во судовите во Република Северна Македонија, а посебно и во Врховниот суд, во Одделот за казниви дела, судиите во своите одлуки, покрај одредбите од домашната законската регулатива ги применуваат и одредбите од Европската Конвенција за човекови права, а се повикуваат и на праксата на Европскиот суд“, истакна претседателката Адеми.
За вице-премиерот за борба против корупција Љупчо Николовски, потребно е да има и материјална одговорност за сторителите на кривични дела.
„Нашиот врвен приоритет е истрагите да не завршуваат само со кривичното дело, туку и со материјална одговорност на сторителите, односно со одземање на незаконски стекнатиот имот. Водејќи се од принципите на заштита на националниот имот, како и на државниот буџет, веќе ја имаме драфт верзијата на Законот за потекло на имот, нешто што за прв пат го добива нашата држава. Со ваквото законско решение, кое содржи низа механизми и одредби, за прв пат се воведува контрола на капиталот, со што се отвора патот за конфискација на нелегално стекнатиот имот“, потенцираше Николовски.
Во законот е предвиден праг од 30.000 евра и секој што има разлика во имотот од пријавените одданочени приходи за сума над прагот, ќе треба да докаже како истите ги заработил. Ако не докаже, имотот ќе се одземе.
Законот ги опфаќа и сегашните и минатите функционери, но и сите оние кои во одреден законски рок, нема да можат да докажат како го стекнале имотот.
Во текот на двата панели, учесниците разговараа за прашањата за конфискација на приносите од корупција и алатките за ефикасна борба против незаконските финансии. Билјана Брејтвејт, директорка на Програмата за Западен Балкан на Центарот АИРЕ, истакна дека олеснувањето на враќањето на имотот во регионот е од клучно значење за долгорочната, глобална борба против корупцијата и организираниот криминал.
„Конфискацијата на приносите од кривично дело помага да се елиминира најголемиот поттик за криминално однесување: профитот. Понатаму, враќањето на имотот ја зајакнува довербата на јавноста во институциите и е суштински аспект на напорите за одржување на владеењето на правото во регионот“, додаде директорката Брејтвејт.
Конференцијата ги собра владините претставници, судиите, обвинителите, претставниците на правните факултети и институциите од седум јурисдикции на Западен Балкан.
„Силно го поздравуваме овој настан и се надеваме дека ќе резултира со попрактична соработка на национално и меѓународно ниво меѓу агенциите за спроведување на законот, како на Западен Балкан така и на меѓународно ниво, за следење на перењето пари и враќање на украдените средства. Обединетото Кралство е подготвено да ги поддржи и помогне во овие напори“, изјави Рејчел Галовеј, британска амбасадорка во Северна Македонија.
Со поддршка на Владата на Обединетото Кралство, Центарот AIRE во соработка со RAI, ја започна втората фаза од Регионалниот проект за враќање на имотот: „Борба против корупцијата и организираниот криминал во Западен Балкан преку зајакнување на регионалната соработка во враќањето на имотот“ во септември 2021 година, за градење на соработка во оваа област воспоставена во 2018 година. Новата фаза од Проектот ќе ја поттикне регионалната соработка преку воспоставување регионална мрежа на професионалци за враќање на имотот, поддршката во преговорите меѓу јурисдикциите за сеопфатни билатерални и мултилатерални договори за споделување средства, развивање и застапување за усвојување на стандардизиран модел на статистичко собирање и анализа во Западниот Балканот и програми за градење капацитети за клучните институции.
Институциите на Западен Балкан работеа на зголемено гонењето на корупцијата и организираниот криминал, како и на градење капацитет за спроведување мерки за враќање на имотот. Секоја година во регионот се конфискува криминален принос во вредност од милиони евра. Враќањето на имотот ја зајакнува довербата на јавноста во институциите и ја пренесува пораката дека криминалот не се исплати.
М.В