/ Прочитано:

1.374

Конференција и дискусија на тема „Каков Судски совет му е потребен на македонското општество?“

Институтот за човекови права денеска одржа завршна конференција и дискусија на тема  „Каков Судски совет му е потребен на македонското општество?“. На денешниот настан се промовираа заклучоците и препораките од  Анализата за транспарентноста, отчетноста и ефективноста на работата на Судскиот совет на РМ, како и заклучоците од Петтиот квартален извештај за работата на Судскиот совет за периодот декември 2017 г. – март 2018 г.

На денешниот настан, во врска со работата и транспарентноста на Судскиот совет говореа: претседателката на Институтот за човекови права – Маргарита Цаца Николовска, претседателот на Судскиот совет на РМ – Зоран Караџовски, адвокатот и поранешен судија на Уставниот суд – Игор Спировски и судијката Вера Коцо.

„За да се решат проблемите со работењето на Судскиот совет на РМ и за да се зголеми независноста на судството, како и довербата на граѓаните во судската власт, Судскиот совет на РМ, пред сè, треба да биде транспарентен, одговорен и отчетен кон граѓаните. Судскиот совет треба да биде и стратешки ориентиран и фокусиран на обезбедување на независноста на судството и на јакнење на перформансите и ефикасноста на судството, но и да биде  ефективен и ефикасен корисник на парите на даночните обврзници“, беше нагласено на денешната конференција.

„Отчетноста на работата на Судскиот совет, преку годишните извештаи за работата, не е доволна преку презентирање статистички и аналитички податоци, без дополнителни релевантни податоци за извршување на надлежностите. Разгледувањето и усвојувањето на извештаите се врши строго формално. Во практиката не е забележана активност на судиите за предметните извештаи. Разгледувањето и усвојувањето на извештајот од Собранието на РМ, во досегашната практика, не покажува суштински дебати и соодветна оцена на работата на Судскиот совет“, се вели во Анализата за транспарентноста, отчетноста и ефективноста на работата на Судскиот совет.

Според  заклучоците од Анализата и според мислењето на повеќето говорници, транспарентноста, отчетноста и ефективноста на Судскиот совет не се на задоволително ниво.  Во подоцнежниот период на мониторирање бил забележан извесен напредок во имплементирање на овие стандарди, но сепак, како што беше подвлечено на настанот, треба да се стори многу, не само од формален туку и од суштински аспект.

Во таа насока, претседателката на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, на денешниот настан нагласи дека на Судскиот совет му се потребни суштински промени, особено од аспект на транспарентноста.

Транспарентноста на Судскиот совет, истакна Цаца Николовска, е повеќе формална отколку суштинска и затоа е потребно да се обезбеди суштинска транспарентност, меѓу другото, и преку  медиумите и новинарите. Имено, комуникацијата со јавноста, која може да се оствари и преку новинарите, потребно е да биде суштинска за да може јавноста соодветно да ја оценува работата на Судскиот совет. Судијката Цаца Николовска нагласи и дека за неефикасното и нетранспарентното работење на Судскиот совет говорат и случаите кога неизборот на претседатели на судови и судии во Врховниот суд бил без образложение.

Според судијката Вера Коцо, во изминатиот период Судскиот совет не бил на нивото што го очекувале домашната јавност и граѓаните, и од тие причини дошло до губење на довербата во овој највисок самостоен судски орган, кој треба да ја обезбедува и да ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт. Судскиот совет, рече Коцо, најмногу потфрли во транспарентноста, ефикасноста, ефективноста. Судскиот совет мора да претрпи реформи.

Адвокатот Игор Спировски, кој е поранешен судија во Уставниот суд, во своето излагање го посочи и прашањето за кредибилитетот на членовите на Советот, особено во поглед на неактивноста во врска со Извештајот за распределбата на предмети во АКМИС-системот.

„Извештајот на Комисијата на Министерството за правда сега е на дневен ред на Судскиот совет и прашањето е што ќе прави тој, дали сега ќе утврдува одговорност на претседатели на судови и судии за манипулирање со АКМИС-системот, и како може да го прави тоа кога тој е дел од создавањето на тој проблем“, посочи Спировски.

За претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, пак, потребно е да се направи анализа за транспарентноста на Советот. Со една таква анализа, подвлече Караџовски, ќе се види дека Советот е транспарентен, но и ќе се види кој  Судски совет во Европа е најтранспарентен.

„Тогаш ќе разговараме на кое место се наоѓа Судскиот совет на РМ во врска со транспарентноста, истакна Караџовски, кој нагласи дека не се согласува со критиките изнесени во заклучоците за работата на Судскиот совет.

Според Караџовски, кој се повика на анализите што ги направил, Судскиот совет на РМ се наоѓа на едно од највисоките места, а поголем дел од другите судски совети се многу малку транспарентни или воопшто не се транспарентни.

За британскиот амбасадор, Чарлс Гарет, владеењето на правото е основа на сè што го прави едно општество стабилно, фер и просперитетно. Вистината е дека и судиите, и обвинителите, и адвокатите  знаат што е она што треба да го направат, подвлече Гарет, но треба да се охрабрат да го направат тоа. Треба да им се пронајдат алатки како да го направат тоа со цел да можат да дадат отпор на нелегитимниот притисок.

М.В