/ Прочитано:

1.203

Конференција „Има ли шанси отвореното општество во Македонија?“

Кои се потенцијалите и можностите, но и предизвиците на отвореното општество? Какви се перспективите на граѓаните и на институциите во тој поглед, што треба да прават за да ги поттикнат и да ги одржат вредностите кои го чинат отвореното општество? Ова се главните елементи на дискусиите посветени на отвореното општество, кои ги покренаа претставниците на граѓанското општество, на државните институции, на медиумите, на академската и меѓународната заедница на дводневната конференција „Има ли шанси отвореното општество во Македонија?“, која денеска и утре (21 и 22 мај) ја организира Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ). Со оваа конференција Фондацијата го заокружува тринеделното работно одбележување на 25-годишнината од работењето на ФООМ во Македонија.

Конференцијата почна со позиционирањето на отвореното општество на раскрсница, со лоцирање на глобалните закани и предизвици за неговите вредности, но и со изнаоѓање на пристапи и стратегии кои би биле одговор на предизвиците за зачувување на демократските стандарди. На воведната тема дискутираа Маја Бојаџиевска, претседателка на Управниот одбор на ФООМ; Патрик Гаспар, претседател на фондациите Отворено општество и претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.

„Македонското општество од една фаза на децениско перманентно затворање, почнува да се отвора и да се ослободува. Ова е добар почеток во контекст на отворањето на општеството, но ни оддалеку не е доволно за да можеме да кажеме дека во Македонија сме го оствариле идеалот за отворено општество, концепт кој сам по себе е тешко достижен. Значи, имаме уште многу што да направиме и да поправиме. Многу прашања, многу предизвици, големи очекувања, но има надеж затоа што има многу можности кои треба да се искористат“, рече Фани Каранфилова-Пановска, извршен директор на ФООМ на отворањето на конференцијата.

Како клучни области кои се исправени пред вистински предизвици Каранфилова-Пановска ги истакна правната држава и создавањето ефикасни институции, развивањето критичка мисла и активно граѓанство, залагањето за професионално новинарство и култура која поттикнува општествени промени, како и градењето квалитетно образование и здрав здравствен систем.

Бојаџиевска истакна дека не случајно темата на завршната конференција на ФООМ е поставена во широка рамка со цел да се зборува за тоа каква иднина има отвореното општество во Македонија, дали таа може да се исцрта и да се предвиди, за можностите што ги отвора и сл. Таа заклучи дека целта што ја бараат луѓето трагајќи кон отвореното општество постојано е пред нив, а токму тие се одговорни за нејзината насока.

Патрик Гаспар се осврна на оптимизмот што го затекнал во земјава при сегашната посета, за разлика од пред една година кога перцепцијата за отвореното општество била многу поинаква и негативна.

„Сите се согласуваме дека е направен огромен напредок, но имаме и долг пат пред нас. Потребни се големи реформи за да се развие инклузивно општество, но економското зајакнување мора да оди рака под рака со правдата. Јас сум горд што уште од почетокот оваа фондација ги изгради темелите за визија за Македонија како земја која е отворена кон демократијата и помирувањето. Отвореното општество храбро настапи онаму каде што владите не успеваат и се надеваме дека тоа ќе продолжи“, рече Гаспар.

Гаспар нагласи дека Фондацијата ги поддржува европските аспирации на Македонија и оти е подготвена да помогне во тие процеси и како донатор и како застапник на јавните политики.

Премиерот Зоран Заев ја потенцираше значајната улога на граѓаните во борбата за денешното отворено општество, како и на Фондацијата, како континуиран поддржувач на демократските процеси во земјава.

„ФООМ веќе 25 години се залага за создавање динамично и толерантно општество во кое граѓаните се силни, активни и вклучени, а од владите се бара да бидат одговорни, отчетни и отворени во креирањето на политиките за граѓаните. Фондацијата вложи многу во поддршката за подобрување на животот на граѓаните. Ќе дадам конкретен одговор. Да, отвореното општество има сериозна шанса во Македонија и сите ние треба сериозно да се вложиме и да ја искористиме таа шанса. Отвореното општество има потреба од силни граѓани во услови на демократско владеење, слобода на изразување и почитување на правата на поединецот“, истакна Заев.

Учесниците на конференцијата ги слушнаа наодите од истражувањето „Политичката култура, идентитетите и граѓанското општество“, по што дискутираа за начините на кои успешно може да се справи нашето општество со национализмот, ксенофобијата, апатијата, исклученоста, затвореноста и несигурноста, кои се во пораст. Тие се осврнаа и на можните алтернативи на растечките авторитарни и автократски стилови на владеење, како и на улогата на образованието, културата, уметноста и медиумите во напорите за промоција и зачувување на вредностите на отвореното општество.

M.В