/ Прочитано:

1.597

Конференција на Централниот регистар за трансформирањето на бизнис-регистрите

Денеска во Скопје започна 16. годишна конференција на Форумот за корпоративни регистри во организација на Централниот регистар. Петдневната конференција е на тема „Трансформирање на бизнис-регистрите во поттикнувачи на меѓународната соработка и трговија”.


Годишната конференција на Форумот за корпоративни регистри, кој е асоцијација на меѓународни бизнис-регистри, веќе 16 години се одржува во различни држави и на различни континенти со цел да ја задржи поврзаноста на земјите ширум светот.

На овој настан, покрај претседателот на Владата, се обратија директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска-Јанковски, претседателката на Форумот за корпоративни регистри, Розан Бел, и секретарот на Корпоративниот регистарски форум, Мајкл Броснахан, кои ја истакнаа важноста на оваа конференција.

„Во оваа прилика сакам и да го поздравам пуштањето во употреба на Регионалниот регистарски портал од страна на Агенцијата за деловни регистри на Република Србија и Централниот регистар на Република Северна Македонија, поддржан од Европската банка за обнова и развој. Регионалниот регистарски портал е силна поддршка за здравата деловна клима и ја промовира на нашата земја како поволна дестинација за инвестиции и за поврзување на регионот. Како дел по пошироката рамка на Берлинскиот процес за Западен Балкан, Регионалниот регистарски портал претставува еден од фундаменталните инфраструктурни проекти за поврзување на регионот. Со него се обезбедува слободен проток на информации и деловни потфати и креирање на заеднички пазар, а формирањето на управниот одбор на Порталот беше токму овде во октомври минатата година“, истакна премиерот Заев.

„Во време кога за светот се вели дека е глобално село, бизнис-регистрацијата е исклучително затворен процес. Почнуваме со размена на квалитетни, официјални податоци, но размислуваме и разговараме за сето она што можеме ние, како регистри, како јурисдикции, да го направиме за да поддржиме и да поттикнеме прекугранична соработка на бизнисот“, истакна директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска-Јанковски.

На денешниот настан беше заклучено дека регистрите не смеат да си дозволат повеќе да функционираат изолирано во своите национални системи. Централните регистри, беше нагласено на настанот, имаат големо значење за водењето на бизнисите и комуникацијата со деловната заедница, но и со граѓаните.

М.В