/ Прочитано:

2.571

Конференција на тема „Надомест на штета и осигурување” во организација на ЕЛСА – РМ

ЕЛСА – РМ организираше конференција на тема „Надомест на штета и осигурување“, која  се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Во современото динамично општество сите се соочуваме со многубројни ситуации во кои се преземаат штетни дејствија како последица на кои настанува штета. Македонското законодавство  одамна  го  познава  институтот  на  надомест  на нематеријална штета, а со нивелирањето на ЗОО од 2008 година се пристапи и кон подетално определување на квалификаторните околности кои го оправдуваат досудувањето на справедливиот паричен надоместок за претрпена нематеријална штета.

Нематеријалната штета, беше истакнато на конференцијата, претставува еден од посложените проблеми за надомест на штета, а сложеноста произлегува од фактот што не постојат објективни мерила врз основа на кои ќе се утврди надоместокот, туку тој се утврдува врз основа на слободната оцена на судовите. Во споровите за надомест на нематеријална штета секогаш се поставува прашањето дали може да се изразат во пари вредности што се тешко мерливи. Низ судската практика постојат очигледни разлики во поглед на висината на надоместокот определен од страна на судовите, иако сите одлучуваат врз основа на законски востановената правна рамка.

На конференцијата, освен на нематеријалната штета, акцентот беше ставен и на надоместот на штета од автоодговорност. Имено, задолжителното осигурување е воспоставен правен стандард во европската осигурителна практика. Во Република Македонија со Законот за задолжително осигурување во сообраќајот се пропишува должност за сопствениците на моторни и приклучни возила да склучат договор за осигурување од автоодговорност за штета што ќе им биде причинета на трети лица со употребата на моторното возило.

Полисата за осигурување претставува правен основ за да му ја надомести друштвото за осигурување претрпената материјална и нематеријална штета како последица на настанатиот осигурен случај на оштетениот. Целта на конференцијата беше да се поттикне свеста кај луѓето, а особено кај младите правници за значењето на оваа правна област, како и преку практични примери да им се прикажат сите проблеми кои се јавуваат во практика при надоместувањето на штета и осигурување.

ЕЛСА – РМ во досегашното свое постоење преку сите семинари, обуки, конференции и други активности се обидува да го надополни јазот помеѓу теоријата и практиката, што беше случај и со оваа конференција. Имено, во практиката огромен број предмети во граѓанските судови се од областа на надоместот на штета, а од друга страна, надоместот на штета и осигурувањето се области на кои во текот на формалното правничко образование не им се посветува доволно внимание.

„Мотивот да се организира оваа конференција беше младите правници да научат нешто повеќе за оваа значајна област и да научат како да си ги остварат своите права за надомест на штета во случај на сообраќајна незгода“, истакнуваат од ЕЛСА – РМ.

„Откако ќе настане штетата, прашањето што неминовно се поставува е како да се надомести таа. Материјалната штета се надоместува преку натурална реституција и паричен надомест, додека пак нематеријалната штета се надоместува со морална сатисфакција и материјално – преку досудување на справедлив паричен надоместок. Во секојдневието најчести се штетите предизвикани од сообраќајни незгоди. Секојдневно сме сведоци на илјадници сообраќајни незгоди и нивниот број постојано се зголемува. Во правната теорија моторните возила се сметаат за опасни ствари, па  штетата  предизвикана  со  употреба  на моторните  возила  се  надоместува  преку  институтот за објективна одговорност, но постојат и случаи кога оваа штета се надоместува според правилата на субјективната одговорност заснована врз основа на вина. Имено, за разлика од другите видови на надомест на штета, кај штетата како последица на сообраќајна незгода како страна којашто исплаќа надомест на штета, покрај штетникот, се јавува и осигурителната компанија со којашто  склучило  договор  за  задолжително осигурување во сообраќајот лицето  што  ја  предизвикало штетата”, вели Тамара Велковска, потпретседател на ЕЛСА – РМ.

„Имајќи ги предвид околностите, опкружувањето, а особено брзото темпо на живот сите ние свесно или не доста често се наоѓаме во одредени ситуации кои финално резултираат со настанување на штета. Не секое причинување штета му дава за право на оштетениот да бара надомест за неа. Постојат точно определени законски услови кои треба да бидат исполнети за да може оштетениот да го оствари своето отштетно побарување. Токму од тие причини, без оглед дали се занимаваме со правото како професија или пак не, како потенцијални оштетени или штетници потребно е да ги знаеме основните права и обврски кои произлегуваат од овој облигационоправен однос, а сè со цел да знаме како на правилен и соодветен начин постапиме во одредена ситуација”, истакнува Тања Иванова, адвокат од адвокатско друштво „Томислав Кузманоски”.

Мартин Саздов, кој беше предавач на конференцијата и кој има  работно искуство од областа на осигурувањето, вели дека надоместокот на штета од автоодговорност претставува еден од најчестите правни институти во судската практика.

„Правото на надомест на штета од автоодговорност е регулирано со специјалниот Закон за задолжително осигурување во сообраќајот. Сопствениците на превозните средства се должни да склучат договор со осигурителните друштва за осигурување од одговорност за штета што со употреба на моторното возило ќе им ја причинат на трети лица, поради смрт, телесна повреда, нарушување на здравјето, како и оштетување и уништување на предмети. Круцијален фактор при решавање на правото на надомест на штета е вината на учесниците во сообраќајната незгода, па оттаму и обврската на осигурителните друштва да вршат исплата на надомест на штета сразмерно на вината на својот осигуреник“,  образложува Саздов.

M.В