/ Прочитано:

2.125

Конференција по повод 70 години од Универзалната декларација за човекови права и улогата на адвокатите за заштитата на човековите права

Адвокатската комора на Република Македонија, во партнерство со Амбасадата на САД во Македонија, денеска организираше конференција по повод одбележувањето на 70-годишнината од Универзалната декларација за човекови права и 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права.

На конференцијата со наслов „70 години од Универзалната декларација за човекови права: Улогата на адвокатите за заштита и унапредување на човековите права“ поздравен збор имаа претседателот на Адвокатската комора на РМ, Љубомир Михајловски, министерската за правда, Рената Дескоска и американскиот амбасадор Џес Бејли.

Во поздравните говори беше истакнато значењето на Универзалната декларација за човековите права, која е донесена на 10 декември 1948 година во Париз од страна на Генералното собрание и која претставува своевидна меѓународна магна карта за сите луѓе во светот. Битката за човековите права, беше истакнато на конференцијата, е најсветата битка на секој од нас.

Битката за човековите права првенствено ја водат адвокатите како бранители на човековите права. Адвокатурата е самостојна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош, а во извршувањето на своите обврски адвокатот е независен и не смее да дозволи никакви влијанија.

Примарна цел на адвокатите е заштитата на човековите права, кои се гарантирани во домашното и конвенциското право и особено во Универзалната декларација, во која, меѓу другото, се пропишува:

„Секој има право на живот, слобода и сигурност на личноста и сите луѓе се исти пред законот и имаат право на еднаква законска заштита. Сите имаат право на еднаква заштита од секаков вид дискриминација што ја повредува оваа декларација и од секакво поттикнување таков вид дискриминација.

Секој кој е обвинет за казниво дејствување има право да важи за невин сè додека неговата вина не биде докажана во јавна постапка во согласност со законот, при што ги добива сите гаранции нужни за неговата одбрана.

Никој не смее да биде казнет за дејство или потфат кои во времето на неговото изведување не претставувале казниви дела според националното и меѓународното право. Исто така, не смее да биде изречена потешка казна од онаа што се заканува во моментот на изведување на казнивото дело.“

Министерката за правда на денешниот настан посочи дека целта на правдата секогаш се човековите права. Тие им даваат моќ на индивидуите и наметнуваат основни стандарди за вршење на државните активности. Власта, додаде Дескоска, е легитимна додека ги штити човековите права. И таа битка за заштита на човековите права не е битка само на власта, ниту на активистите, политичарите, партиите. Во таа битка мора да сме сите заедно, рамо до рамо.

Министерката Дескоска испрати порака до сите граѓани на Република Македонија  цитирајќи ја „првата дама на светот“: „Човековите права треба да ги бараме насекаде околу нас, во домот, во соседството, во училиштето, на работното место. Тие се местата каде што треба да бараме еднаква правда, еднакви можности, почитување на достоинството без дискриминација. Ако човековите права не се почитуваат тука, во секојдневна средина во која живееме и работиме, тие го губат значењето. Ако не си ги обезбедиме правата во секојдневниот живот, залудно ќе бараме напредок во пошироката заедница, или ќе се бориме за прогрес во светот.“

На денешната конференција се обратија и претседателот на Уставниот суд на РМ, Никола Ивановски, заменик-претседателката на Адвокатската комора, Јелена Ристиќ, народниот правобранител на РМ, Иџет Мемети, владиниот агент од Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП, Даница Џонова, и Нада Наумовска, постара програмска координаторка на Фондацијата Отворено општество.

Претседателот на Уставниот суд на РМ, Никола Ивановски, говореше за заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот пред Уставниот суд на РМ, а заменик-претседателката на Адвокатската комора, Јелена Ристиќ,  се осврна на  влијанието на Универзалната декларација на меѓународните и домашните правни стандарди, со посебен осврт на независноста на адвокатурата како гаранција за заштита на човековите права.

Народниот правобранител на РМ, Иџет Мемети, се осврна на прашањето за улогата на заштитниците на човековите права и слободи. Владиниот агент од Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП, Даница Џонова, ја нагласи улогата на адвокатите во заштитата и унапредувањето на човековите права преку Европскиот суд за човековите права.

Конференцијата се заокружи со темата за правното зајакнување на маргинализирани заедници, за бесплатната правна помош  и за про боно заштитата, за кои говореше Нада Наумовска, постара програмска координаторка на Фондацијата Отворено општество.

Хелсиншки комитет: Меѓународен ден на човековите права – До каде сме со почитувањето на универзалните принципи и вредности?

Меѓународен ден на човековите права: „Сите луѓе се исти пред законот и имаат право на еднаква законска заштита“

Народниот правобранител: Требаше да поминат години Мартин Лутер Кинг да го „отсонува својот сон“

М.В