Конференција „Правото на говор НЕ е право на говор на омраза“, во организација на Здружението за дислексија „Ајнштајн“ и ЕЛСА РМ
На Правниот факултет „Јустинијан Први“ се одржа конференцијата „Правото на говор НЕ е право на говор на омраза“, организирана од страна на Здружението за дислексија „Ајнштајн“ и ЕЛСА РМ, како една од активностите во рамките на истоимениот проект спроведуван од Здружението „Ајнштајн“, а со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено општество Македонија.
Фокусот на конференцијата беше ставен на говорот на омраза врз основа на национална и етничка припадност, кој во Република Македонија е застапен во широки размери. Како што беше посочено на настанот, токму ова го мотивирало тимот од Здружението „Ајнштајн“, со помош на ЕЛСА РМ, да организира настан со цел да го насочи вниманието и да ги едуцира помладите за самиот феномен и за штетните последици од него.
Како говорници на конференцијата учествуваа Мерсиха Смаиловиќ, претседателка на Здружението „Легис“, која зборуваше за националноста и етничката припадност како една од главните поводи за користење говор на омраза, д-р Елена Мујоска-Трпевска, претседателка на Македонското пенолошко друштво, која зборуваше за говорот на омраза од кривичен аспект, и Славица Атанасовска, правен советник во Хелсиншкиот комитет за човекови права, која зборуваше за распространетоста на говорот на омраза низ медиумите.
Надица Упчева, една од главните организаторки на конференцијата, вели дека говорот на омраза особено во последните години е навистина актуелен проблем во нашето општество, а јавноста речиси не го препознава.
„Затоа со оваа конференција целиме да ја подигнеме јавната свест за говорот на омраза и за неговото штетно влијание врз основните човекови права и слободи. Воедно, како тим кој работеше на нејзина организација сметаме дека, покрај недоволната информираност, кај населението постои и недостиг од информации за правните механизми кои им стојат на располагање за заштита доколку тие се жртви на говор на омраза. Граѓаните мора да се информираат за своите права и да бидат свесни дека говорот на омраза, колку и навидум да изгледа безопасен, остава долгорочни последици и според правната регулатива на Република Македонија претставува кривично дело“, истакнува Упчева.
Пораката која произлезе од конференцијата е повеќе од јасна. Итно е потребна поголема активност и ажурност на судските власти во однос на говорот на омраза, што, во крајна линија, ќе придонесе за посериозен третман на феноменот, на штетните последици и на сторителите на делото.
Како што беше нагласено од д-р Елена Мујоска-Трпевска на самиот настан, правната регулатива е и повеќе од задоволителна во однос на оваа појава, но недостасува обука и едукација на јавните обвинители и судии како да постапуваат во случај на говор на омраза, сè со цел Република Македонија да се доближи и навистина да ги оствари и во пракса препораките на меѓународната заедница во однос на говорот на омраза.
Од друга страна, додава Надица Упчева, многу важен сегмент е незнаењето и неспособноста за препознавање на оваа состојба од страна на полициските службеници.
„Токму овие лица треба да бидат тие кои ќе го препознаат говорот на омраза и тие кои за него ќе треба да поведат соодветни постапки. Задоволителната законска рамка нема да дава соодветни резултати, доколку ние како држава немаме капацитет и знаење да ја спроведеме во пракса“, нагласува Надица Упчева.
М.В