/ Прочитано:

1.481

Конференција „Прибавување докази на самото место, во согласност со Законот за заштита на конкуренцијата“

Денеска во Скопје се одржа конференција на тема „Прибавување докази на самото место, во согласност со Законот за заштита на конкуренцијата“, организирана од страна на ЦМС, водечко адвокатско друштво во областа на заштитата на конкуренцијата во регионот, и од страна на Комисијата за заштита на  конкуренцијата.

Поаѓајќи од искуствата на ЕУ и на нејзините земји членки, како и на соседна Србија, целта на конференцијата беше да придонесе за подобрување на спроведувањето на Законот за заштита на конкуренцијата, како и да ја подигне свеста за заштитата на конкуренцијата во Македонија и за истражните овластувања на Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Со Законот за заштита на конкуренцијата се уредуваат забранетите облици на спречување, ограничување или нарушување на конкуренцијата, мерките и постапките во врска со ограничувањата на конкуренцијата.

Целта на овој закон е обезбедување слободна конкуренција на домашниот пазар заради поттикнување на економска ефикасност и благосостојба на потрошувачите. Во овој закон се регулира и прибавувањето докази на самото место во претпријатијата, а во врска со овластувањата на Комисијата за заштита на конкуренцијата

На конференцијата се дадоа одговори на важни прашања кои се однесуваат на придобивките што би ги имале друштвата од усогласеноста со Законот за заштита на конкуренцијата, начините на постигнувањето на таквата усогласеност, ризиците за друштвата од постапките на прибавување докази на самото место, искуствата од првите прибавувања докази на самото место, спроведени во Македонија и подготвувањето и начинот на постапување за време на прибавување докази на самото место.

Воведни обраќања на конференцијата имаа Марија Филиповска, партнер во ЦМС Скопје, и Владимир Наумовски, претседател на Комисијата за заштита на конкуренцијата.

За правото на заштита на конкуренцијата и за прибавувањето докази на самото место во ЕУ говореше Роберт Босман од европската канцеларија на ЦМС, додека за правото на заштита на конкуренцијата во Македонија говореше Розана Ванковска, генерален секретар во Комисијата за заштита на конкуренцијата.

На конференцијата се одржа панел-дискусија за искуствата и најдобрите практики во врска со заштитата на конкуренцијата. Покрај Розана Ванковска, на конкуренцијата говореа и: Маја Блажев, раководител за прекршочни постапки во Комисијата за заштита на конкуренцијата, потоа Ивана Шујица-Симеоновска од „Бритиш американ тобако“, Златко Стојчески од „A1“ Македонија и Рашко Радовановиќ од ЦМС Белград.

М.В