/ Прочитано:

1.434

Конференција за е-трговијата и бизнисот

Менаџирањето на бизнис во е-трговија бара мултисекторска соработка, широки познавања од многу полиња и многу пасија. Огромен е потенцијалот на е-трговијата за мала земја како нашата. Отклучувањето на тој потенцијал бара партнерство и здружени сили на владиниот, невладиниот и реалниот сектор, академијата и провајдерите на неформално образование, како и граѓаните, рече министерката за финансии, Нина Ангеловска, на отворањето на втората годишна Конференција за е-трговија на тема „Бизнис-раст со е-трговија“, на која присуствуваат повеќе од 400 учесници од над 200 компании и организации, а свое знаење и искуство ќе споделат 30 говорници од земјата и од странство.

Податоците на Народната банка покажуваат дека Македонците потрошиле 84 милиони евра на онлaјн купување со платежни картички во првото полугодие од 2019 година, што е за 26 отсто повеќе споредено со истиот период лани.

„Министерството за финансии има неколку иницијативи поврзани со предизвиците идентификувани од е-трговците. Со новиот Закон за платежни услуги, кој наскоро треба да биде донесен, ќе се овозможи либерализација на пазарот и можност за влез и развој на ‘финтек солуции’, односно софистицирани платежни решенија. Веќе се работи и на конципирање на акциониот план за справување со сивата економија, што ќе им помогне на бизнисите во борбата со нелојална конкуренција“, укажа Ангеловска

Министерката Ангеловска посочи дека владиниот сектор треба да ги поттикне компаниите, особено малите и средните, овозможувајќи им да растат и да се развиваат со е-трговијата. Нагласувајќи дека бизнисот е партнер на Владата, министерката Ангеловска ги охрабри компаниите да иницираат промени бидејќи само со здружени сили и со холистички пристап може да се напредува.

Асоцијацијата за е-трговија е формирана пред 2 години со цел да придонесе за напредок на електронската трговија и креирање на поволна бизнис-околина за раст.

М.В