/ Прочитано:

2.241

Конференција за подигнување на јавната свест за аутизмот и едукација на родителите

Според Македонското научно здружение за аутизам кое денеска ја организираше конференцијата „Помош и поддршка на родителите кои имаат деца со аутизам“, целта на овој проект е подигнување на јавната свест за аутизмот, едукација на родителите и на младите професионалци, пред сè, дефектолози, психолози, педагози и одделенски наставници, постигнување одржлив развој и институционална финансиска поддршка.

Во рамки на европскиот проект „Еднаквост и социјална инклузија преку позитивно родителство“, денеска се одржа конференција насловена „Помош и поддршка на родителите кои имаат деца со аутизам“. Според Македонското научно здружение за аутизам кое ја организираше денешната конференција, целта на настанот е подигнување на јавната свест за аутизмот, едукација на родителите и на младите професионалци, пред сè, дефектолози, психолози, педагози и одделенски наставници, постигнување одржлив развој и институционална финансиска поддршка.

Владимир Трајковски, претседател на Македонското научно здружение за аутизам, истакна дека по завршување на проектот во август следната година, ако државата не вложи средства, Здружението нема да биде во можност да ги продолжи практичните обуки.

Во рамките на овој проект, досега се одржани седум практични обуки и тоа во Скопје, Велес, Битола и Охрид.

Јасмина Трошанска, дефектолог, посочи дека обуките се наменети за родителите што имаат деца со аутизам.

„Нашата цел е позитивно да влијаеме тие да ја прифатат состојбата на нивните деца и да влијаат позитивно на нивниот развој. Обуката содржи шест задолжителни модули. Она што навистина им треба на овие деца е токму визуелната поддршка. Постои желба и од страна на градинките и од страна на училиштата да ги вклучат овие деца, но наставниците колку и да сакаат не се подготвени. Многу ретко, речиси никаде не се подготвуваат визуелни распореди, визуелни сликички и одредени помагала кои им требаат за да можат да усвојуваат знаења“, посочи Трошанска.

Според податоците од регистарот што го води самото Здружение, досега во Македонија се регистрирани 170 деца и возрасни со аутизам, но сметаат дека овој број е далеку поголем. Затоа учесниците на денешниот настан, пред сè, родителите сметаат дека проектот е од исклучителна важност поради тоа што на обуките се учи како родителите да се справат со отстапувањето на однесувањето на нивните деца и како да ги решаваат тие проблеми.

На конференцијата учествуваа повеќе од 120 родители, експерти и универзитетски професори. Учесниците имаа можност да се запознаат со образованието за родителите на децата со аутизам во Македонија, Хрватска и Кипар и беа претставени примери за позитивни пристапи во оваа област.

Инаку, во претходниот период, Народниот правобранител укажа дека училиштата не се ниту кадровски, ниту просторно, ниту материјално опремени со потребните наставни средства и помошни материјали, со цел инклузија и квалитетно образование на децата со аутизам. Со ратификацијата на Конвенцијата за правата на детето и Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност на Обединетите нации, државата е обврзана да ги почитува правата на децата и лицата со инвалидност, односно да обезбеди услови за остварување на правата во сите општествени сфери, а во таа смисла и почитување и остварување на правото на образование.

А. Б.