/ Прочитано:

4.143

Конференција за родова нееднаквост и неплатена работа: „Да се надмине состојбата во која жената дома е без пари, а на работа за малку пари“

„Неплатена работа, родова нееднаквост и ветувањето на економијата за грижа и нега“ е темата на конференцијата што се одржа денеска во Скопје, во организација на Програмата за развој на ОН (УНДП), Телото на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women) и Меѓународната организација за труд (МОТ).

Целта на конференцијата беше размена на искуства и практики помеѓу меѓународни и национални експерти, како и поттикнување дебата во земјите на Западен Балкан за постојните развојни предизвици.

„Половина од работоспособните жени во Македонија се неактивни на пазарот на труд. Причините за тоа  се нивната неплатена работа во домаќинствата и грижата за децата и постарите лица. Севкупната нерамноправност на жената на пазарот на трудот води кон нејзина економска зависност, недоволно влијание при носењето одлуки во домаќинството, како што се трошоци за образование и здравствена грижа за децата, но и кон повисока толерантност на домашно насилство“, беше истакнато на денешната конференција.

„Жените работат неплатено во домаќинствата трипати повеќе во однос на мажите, односно имаат вкупно 281 минута неплатена работа во домот, а мажите само 87 минути. Податоците во дел од државите дека со инвестициите во социјалната грижа се креираат многу повеќе работни места отколку со инвестициите во градежништвото зборуваат дека тие работни места се многу повеќе фокусирани на жените и се многу поодржливи. Македонија ги има сите предуслови да користи вакви социјални услуги. Предизвиците со кои се соочува се високи стапки на невработеност и на двата пола, има голема разлика од 12 проценти во работната сила помеѓу мажите и жените, а само 43 проценти од жените се активни на пазарот на трудот. Исто така, се соочуваме со голема разлика помеѓу платите на мажите и жените бидејќи жените заработуваат 18 до 19 проценти помалку од мажите за истата работа. Многу од професиите се поделени помеѓу мажите и жените“, образложи на денешниот настан постојаниот координатор на ООН во Македонија, Луиза Винтон.

На денешната конференција беше нагласено и дека главната причина за неактивноста на жените е нивната неплатена работа во домаќинството. Според истражувањата на кои се повика Марјан Петрески, водечки експерт за студијата за родова еднаквост на пазарот на труд, сè уште  постои поделба на улогите во домот.

„Постои и убедување на самите жени дека тие се предодредени да бидат домаќинки, да чуваат деца и стари лица што потоа се претвора во вистински часови кои тие ги трошат за таа активност. Тоа е неповолна состојба особено на пазарот на трудот затоа што се комплетно надвор од пазарот“, рече  Петрески, кој порача дека носителите на политиките треба да работат на тоа да се сменат ваквите состојби, односно жените да се вклучат на пазарот на трудот преку барање работа и вработување.

„Во тоа би помогнале разни активациски мерки на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување, но мора да се размислува и за други форми, како на пример, флексибилизација на работното време и промена на свеста за редистрибуција на улогите во домот“, образложи Петрески.

„Суштината на ова прашање е дека се работи за современ модел на развој или начин на развој на економијата преку вработување на женската сила во услужниот сектор и особено за работна сила која нема преголеми квалификации и затоа е и сега надвор од пазарот на трудот. Се работи за економика на услуги на нега и грижа, кој е еден сектор за кој и во Македонија и во други земји има голема побарувачка, што значи и креирање на повеќе работни места“, посочи универзитетскиот професор Ванчо Узунов.

„Родовата еднаквост е висок приоритет во работата на новата Влада. Свесни сме дека ова не е само женско прашање, не е само прашање на почитување на уставното право на еднаквост, туку сериозно влијае врз развојот на општеството во кое живееме. Македонија по Устав и по закон е социјална држава и ние сме обврзани да го направиме тоа за своите граѓани. Владата ќе работи на подигнување на свеста дека и жените и мажите подеднакво се одговорни за домашните активности и грижата за децата. Поделбата на оваа таканаречена неплатена работа е првиот чекор кон воспоставување родова еднаквост“, нагласи на денешната конференција претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.

Државните институции, додаде Заев, треба сериозно да се вклучат во определбата на Владата за родова еднаквост којашто е поставена како висок приоритет и влијае врз развојот на општеството. Мора да се надмине состојбата во која жената дома е без пари, а на работа за малку пари, изморена и неконцентрирана и без да го даде максимумот.

„Ваквата реалност новата Влада ќе почне да ја менува. Заложбите се да има резултати со поголема вклученост на жените на пазарот на трудот, споделени обврски меѓу мажите и жените дома, згрижени деца и членови на семејството. Тоа ќе го постигнеме со тоа што државата ќе биде социјален партнер на семејството. Таму каде што е потребно, според определбата на Владата, ќе биде обезбедено флексибилно работно време, се планира да се овозможи работниците да работат во две смени, се разгледува можноста да се зголеми бројот на вработените во јавните градинки и да се унапреди системот на детска заштита со отворање градинки во руралните средини“, рече македонскиот премиер.

М.В