/ Прочитано:

723

Конференција за родово сензитивен парламент: Од законодавство до јавно финансирање за родова еднаквост

Со благодарност за поддршката на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ – ОДИХР, Австриската развојна агенција, како и учеството на околу триесетина претставнички од земјите на регионот, претседателката на Клубот на пратенички, Ѓулумсер Касапи, ја отвори Регионална конференција на жени парламентарки, во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Дводневната конференција е на тема: „Родово сензитивен парламент: Од законодавство до јавно финансирање за родова еднаквост“.

Во своето воведно обраќање, потпретседателката на Собранието на Република Северна Македонија, Фросина Ташевска-Ременски, посочи дека рамноправното учество на жените и мажите во политичкиот и јавниот живот е пропишано со меѓународните и домашни стандарди, кои треба да бидат применети во сите демократски општества, за што е потребно да се создадат културни и општествени услови, но истакна и дека пред сѐ тоа е резултат на политичката волја на главните политички фактори во земјата.

На светската листа на Интерпарламентарната унија, со 38,3 %, вклученост на жените во политиката, Република Северна Македонија се рангира на 21. место, а во Европа е шеста. Но, и понатаму останува заложбата за постигнување на милениумската цел 50:50. Инаку, во овој пратенички мандат има една потпретседателка на Собранието, седум претседателки и девет заменик-претседателки на комисии.

Амбасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, посочи дека целта на ова конференција е да се зголеми родовата сензитивност во собранијата и да се подобри позицијата на жените. Пратеничките се тие кои се одговорни за унапредување и заштита на правата на жените и за обезбедување на нивниот просперитет во општеството.

Претседателката Касапи се осврна и на формирањето на Клубот на пратенички, на неговата улога и на целта со законски одлуки да се постигне родовата еднаквост, преку тесна соработка со Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, невладиниот сектор и други релевантни институции во и надвор од земјата, кои даваат финансиска и морална поддршка.

Претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Даниела Рангелова, истакна дека родовата рамноправност е во фокусот на Комисијата и дека таа е показател за развојот на едно општество. Забележа дека жените се вклучени во политиката, но помалку во носење одлуки и во креирање политики, а мал е и бројот на жените кои учествуваат во локалната самоуправа и извршната власт.

Генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, потенцираше дека регионалниот собир е важна работа бидејќи парламентарките делат исти проблеми во земјите од кои доаѓаат и затоа е битно да седнат на едно место и да разменат искуства и мислења.

Иванова истакна дека имаме родово сензитивен парламент, родово сензитивно раководство, но дека ни е потребно и родово сензитивно буџетирање, кое треба да биде вметнато во идните стратегии. Исто така, ја истакна и важноста на родовата сензитивност во политичките партии, без која нема родово сензитивен парламент.

Првата сесија на конференцијата почна со родово сензитивните собранија – Меѓународните стандарди и добри практики, каде што свое излагање имаше и Тина Кукама-Ба, шефица на Одделот за демократско владеење, Канцеларија за демократски институции и човекови права на ОБСЕ – ОДИХР.

Таа потенцираше дека собранијата се огледала на нашето општество, одговор на нашата секојдневност, а современи собранија се оние во кои граѓаните се препознаваат и ги наоѓаат своите одговори.

Во продолжение на Првата сесија, родово сензитивните собранија ќе споделат и искуства и добри практики од регионот.  Предвидена е и работилница со дискусија: Што е родово сензитивна законска регулатива и што се случува без неа? Родово сензитивна законска регулатива во пракса. На крајот од денот, исто така, ќе бидат споделени и искуства и можности за регионална соработка.

Исто така, во Собранието, во рамките на програмата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје за поддршка на демократските реформи и институционално зајакнување на Собранието, Комисијата за еднакви можности на жените и мажите се презентираше и Извештајот од самопроцената на родовата сензитивност на Собранието.

М.В