/ Прочитано:

546

Конференција за социо-економските перспективи и ЕУ-интеграциите

Социо-економската перспектива на Северна Македонија и регионот беа тема на денешната национална конференција „Никој не е изоставен во процесот на ЕУ-интеграциите“, што се одржа во Владата на Република Северна Македонија. Настанот беше организиран од германската невладина организација АСБ – Југоисточна Европа, заедно со локалниот партнер „Отворена порта – Ла страда“ и со Министерството за труд и социјална политика на Северна Македонија.

На настанот присуствуваа повеќе од 100 учесници, вклучително и претставници на Владата на Република Северна Македонија, на Германската амбасада во Република Северна Македонија, претставници на локални и регионални невладини организации, претставници на меѓународната заедница и општините, како и членови на регионалната мрежа ИРИС, која брои повеќе од 200 членки, даватели на социјални услуги.

Главните теми за кои се дискутираше се однесуваат на социо-економската перспектива на Република Северна Македонија. Министерката за труд и социјална политика на Република Северна Македонија, Мила Царовска, ги презентираше состојбите во социјалната политика и вработувањето, како и реформите во овие системи во последните неколку години.

„Идејата на европското семејство се темели на принципите на солидарност и еднаквост на сите граѓани. Со социјалната реформа за прв пат како универзално право за сите домаќинства со ниски приходи се воведува детски и образовен додаток, гарантирана минимална помош и социјална сигурност за старите лица, со што директно влијаеме на намалување на сиромаштијата, посебно на детската сиромаштија. Крајната цел на целата реформа не е покачувањето на износите на правата, туку активација на корисниците на пазарот на трудот и нивно трајно излегување од сиромаштија, за што ги јакнеме и социјалните тимови и институциите коишто непосредно ќе работат со семејствата. Ја повикувам Европската Унија да ја продолжи и да ја продлабочи соработката во областа на социјалната политика со регионот”, изјави Царовска.

На настанот се обратија и Елмир Бојаџиќ, регионален директор за Југоисточна Европа – АСБ, и Марија Тодоровска, програмска директорка на Здружението „Отворена порта – Ла страда“.

Конференцијата е организирана во рамките на Иницијативата за социјална димензија (СДИ), која започна во 2018 година како заеднички напор на АСБ и локалните организации на граѓанското општество од Западен Балкан, а поддржана од група истакнати членови на Европскиот парламент за да се зајакне дијалогот меѓу цивилниот сектор, граѓаните и политичките елити, како во Европската Унија (ЕУ) така и на Западен Балкан, за потребата од посилна социјална димензија на интеграцијата во ЕУ за земјите од Западен Балкан.

М.В