/ Прочитано:

1.239

Конференција за трансферот на технологијата и правата на интелектуална сопственост

Државниот завод за индустриска сопственост, во рамките на активностите за одбележување на 25-годишнината од основањето, организираше конференција на тема „Трансфер на технологија и правата на интелектуална сопственост во Република Македонија“. Конференцијата се организираше во соработка со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија.

„Од самото основање до денес, целта е зголемување на квалитетот на услугите со меѓународни стандарди од аспект на заштита на правата од индустриска сопственост во Република Македонија. Донесовме две национални стратегии и реализиравме низа проекти со цел усогласување на националното законодавство со европското, а континуирано работиме на подигање на свеста за значењето и придобивките од спроведувањето на индустриската сопственост“, истакна директорот на ДЗИС, Сафет Емрули.

Досега пред Заводот се пријавени 32.000 трговски марки, 10.000 патенти, има над 1.000 пријави за индустриски дизајн, додека регистрирани се над 26.000 трговски марки, 8.800 патенти и десетици географски називи, од кои 5 имаат и меѓународна заштита.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, истакна дека бројот на странски директни инвестиции е во правопропорционален сооднос со степенот на заштита на правата од интелектуална сопственост, при што од особена важност е издржаната правна и политичка рамка за промовирање на новите решенија кои претставуваат одговор на пазарните барања.

Заменик-претседателот на Европскиот патентен завод, Жељко Топиќ, се осврна на плодната соработка што ја има европската организација со Заводот дури и пред добивањето на полноправно членство.

„Создавањето на национален систем на заштита на индустриската сопственост и културата за значењето на оваа област има значајно влијание врз националниот економски раст, кој се базира на знаење и иновативност.  Би сакал да ја нагласам посветеноста  на Државниот завод за индустриска сопственост, кој работеше со нас за да развие и за да имплементира сеопфатна програма за билатерална соработка. Ние ќе продолжиме да обезбедуваме поддршка за развивање на нови заеднички иницијативи“, порача Топиќ.

На свеченоста, пораката дадена во име на генералниот директор на Светската организација за интелектуална сопственост, Франсис Гури, ја пренесе Силвија Трпковска:

„Повеќе од 25 години Светската организација има конструктивна комуникација со Заводот, кој ги склучи најважните договори во областа на индустриската сопственост, што ја постави основата за активно учество на вашата земја во меѓународниот систем на индустриска сопственост. Договорите се една работа, а креирањето на функционален механизам за систем на интелектуална сопственост  е нешто друго. Токму во тој дел би сакал да изразам посебна почит на огромниот прогрес кој вашата земја го оствари за релативно кус период во насока на воспоставување на национална законодавна архитектура и инфраструктура во системот на интелектуална сопственост.“

На свеченоста беше промовирана „Монографија за 25-годишнината на ДЗИС“, а во работната сесија учествуваа експерти и претставници од Европскиот патентен завод, Светската организација на индустриска сопственост, Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија и Фондот за иновации и технолошки развој.

М.В