/ Прочитано:

803

Конференција за учеството на младите во работата на парламентите: Законот за млади во собраниска процедура до крајот на годинава

Денеска во Собранието на Република Македонија беше отворена дводневна регионална конференција „Дијалог на високо ниво за политичкото учество на младите и младинските политики со пратениците од Западен Балкан“, на која учествуваат пратеници од Европскиот парламент и од парламентите на Западен Балкан, како и претставници на младинскиот сектор од земјите во регионот.

Целта на конференцијата е да се разменат позитивни искуства за тоа како младите да бидат вклучени во работата на парламентите, полесно да ги артикулираат своите интереси и како заедно да креираат и да реализираат поквалитетни младински политики.

На конференцијата предвидени се  неколку работилници со панел-дискусии: „Учеството на младите во политиката“; „Вработеност кај младите, раст и одлив на мозоци“; „Помирување и наследство од минатото“; „Лажни вести и дезинформации“. Конференцијата ќе продолжи утре и ќе заврши со заклучоци „Што понатаму?“.

Следејќи ги искуствата од ЕП и од парламентите на некои западноевропски земји, во Собранието на РМ пред една година се формираше Клуб за младински прашања и политики  – неформално тело во кое членуваат помлади пратеници од сите парламентарни партии.

Клубот, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери,  е силна лоби-група за артикулирање на интересите на младите и веќе има резултати – формирана е работна група која интензивно работи на подготовка на Закон за млади, кој се очекува да влезе во собраниска процедура до крајот на годинава.

Во своето излагање Џафери истакна дека вработувањето и образованието се клучни прашања, но за младите од регионот важни се и  мобилноста и нивната соработка за да се надминат некои историски предрасуди и стереотипи, кои, како што рече, можеби се позакоравени кај постарите генерации.

„Позната ни е изреката: Светот останува на младите, меѓутоа се поставува прашањето колку ние постарите сме подготвени да воспоставиме вистински дијалог со младите, колку ние ги разбираме нивните интереси и потреби. Во социологијата тоа се дефинира како генерациски јаз кој отсекогаш постоел и е присутен во речиси сите општества. Затоа, колку е длабок тој јаз помеѓу генерациите во една држава и како да се премости зависи од демократскиот развој и од подготвеноста на политичките елити за дијалог, но и од вистинското почитување на човековите права и слободи“, нагласи Џафери.