/ Прочитано:

908

Конференција за унапредување на правата на ЛГБТИ-заедницата

Социјалната заштита, здравството, образованието, вработувањето, пристапот до правда, домување, спорт и медиуми за ЛГБТИ-лицата се темите за кои се носат конкретни заклучоци на дводневната регионална конференција за унапредување на правата на ЛГБТИ-заедницата.

Конференцијата е во организација на Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Советот на Европа, а на неа денеска говореа министрите за труд и социјална политика, за внатрешни работи и за здравство, Мила Царовска, Оливер Спасовски и Венко Филипче, како и претставничката од Советот на Европа, Елени Цецеку, и Билјана Гинова, копретседавач на ЕРА.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, истакна дека годинава е направен историски чекор напред со носењето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, кој се темели на Уставот на Република Северна Македонија, во кој се утврдени основните слободи и правата на човекот и граѓанинот. Ја ратификувавме Истанбулската конвенција за спречување на сите форми на насилство и отворивме прифатен центар за заштита на жртви од насилство.

„Свесни сме дека сѐ уште се потребни значителни напори за спротивставување на нетолеранцијата кон ЛГБТИ-заедницата. Позитивните промени можеме да ги донесеме само заедно бидејќи секој од нас има улога и општествена одговорност. Токму како резултат на оваа конференција ќе имаме акциски план за унапредување на правата на ЛГБТИ-лицата и на национално и регионално ниво, кој ќе можеме понатаму да го користиме за носење на стратегија за надминување на хомофобијата и трансфобијата. Остануваме посветени на зајакнување на владеењето на правото и на унапредување на квалитетот на животот за сите“, рече министерката Царовска.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, рече дека кога се говори за еднаквиот пристап до правдата нема никаква дилема – секогаш се тргнува од фундаменталното уставноправно начело на еднаквост пред законите. Дополнително, со дефинирањето на кривичното дело омраза како кривичноправно дејствие насочено, меѓу другото, и кон припадници на ЛГБТ-заедницата, во Кривичниот закон на РСМ од крајот на минатата година се овозможи натамошно продлабочување и прецизирање на постапките и процедурите на полициското работење во таквите случаи.

„Убеден сум дека од огромна важност е да се допре до секој поединец во преиспитување на предрасудите, на штетните застарени практики и поведенија, на дискриминацијата по кој било основ, вклучително и по основ на сексуалната ориентација на луѓето. Искрено, очекувам оваа конференција да даде свој квалитетен придонес во таквите наши напори за градење правично, просперитетно општество за сите“, истакна министерот Спасовски.

Министерот за здравство, Венко Филипче, во обраќањето рече дека здравствените работници треба да осигурат дека секое лице во секое време ќе добие соодветна здравствената заштита, без никаква дискриминација.

„Сакам да нагласам дека со новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, основите на сексуална ориентација и родов идентитет се експлицитно наведени, при што се забранува секаква дискриминација на трансродовите лица во повеќе области наведени во Законот, меѓу кои и областа на здравството, работните односи, образованието и други. Имено, со усвојување на овој закон, сите министерства се задолжени во рок од две години да ја хармонизираат својата легислатива со новиот концепт на недискриминација, којшто е хармонизиран со директивите на ЕУ и со меѓународните стандарди“, рече министерот Филипче.

Претставничката од Советот на Европа, Елени Цецеку, истакна дека со унапредувањата на правата на ЛГБТИ, невидливите ги правиме видливи, а тоа може да се нашите деца, соседи, пријатели…

„Во изминатите 5 години како дел од Советот на Европа можев да видам позитивен напредок во сите 25 земји членки, но овој напредок е кревок и не сметаме дека сме ја добиле битката. Со самото тоа што имаме тројца министри на конференцијата кои работат на промоција на правата на ЛГБТИ сме постигнале многу, но општеството дава отпор и исто така и верските лидери кои се обидуваат да ги наметнат верските убедувања. Овие убедувања не мора секогаш да се прифатат. Советот на Европа е ваш партнер и ваш поддржувач во унапредувањата на правата на ЛГБТИ-лицата”, рече Цецеку.

Билјана Гинова, копретседавач на ЕРА, ја нарече конференцијата историска бидејќи кај земјите од регионот се забележува напредок во унапредувањето на правата на ЛГБТИ-лицата.

„Во времето кога ја основавме ЕРА како мрежа, кога разговаравме дека вмрежувањето на НВО мора да оди паралелно со вмрежувањето на владите при унапредувањето на пристапот до права за ЛГБТИ-луѓето во земјава владееше трансфобичен период, а видете каде сме денес”, рече Гинова.

Гинова ги повика присутните, граѓаните, поддржувачите во сабота гордо да маршираат со што ќе се спротивстават на дискриминацијата.

М.В