/ Прочитано:

1.179

Конференција за заедничките заложби за подобри достигнувања во судството

Институтот за човекови права и Центарот за правни истражувања и анализи,  во соработка со Здружението на судиите на Република Македонија и Здружението на судска администрација, денеска организираа конференција на тема „Заедничка заложба за подобри достигнувања во судството”.

На денешната  конференција се презентираа активностите и целите на проектот и се дебатираше за потребата од заедничката заложба на здруженијата на граѓани и професионалните здруженија за поуспешни судски реформи.

Лидија Стојкова-Зафировска, претседателка на Центарот за правни истражувања и анализи, во своето обраќање го нагласи значењето на соработката на граѓанските организации и судството во контекст на остварување на поставените цели за реформирање на правосудството.

Судијката Маргарита Цаца Николовска, претседателка на Институтот за човекови права, подвлече дека е неопходна заедничка заложба на сите чинители за подобро судство, а особено е потребна силна соработка меѓу професионалните здруженија и граѓанските организации.

Министерката за правда, Рената Дескоска, истакна дека во изминатиот период е реализиран голем дел од реформската агенда во правосудството преточена во сет од неколку големи измени во регулативата, а останува уште најголемиот предизвик – да се унапреди регулативата за јавното обвинителство со цел Специјалното јавно обвинителство да може да ја оствари функцијата за која е основано.

За потребата од засилена соработка на невладиниот сектор и судската власт и за потребата од заедничка заложба за подобри достигнувања во судството говореа и Џемали Саити, претседател на Здружението на судии, потоа Борче Мирчески, претседател на Здружението на судска администрација, и Наташа Габер-Дамјановска, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ која остварува континуирана соработка со граѓанските организации.

Инаку, денешниот настанот е дел од ИПА II проектот „Заедничка заложба за подобри достигнувања во судството”, финансиран од ЕУ преку Секторот за централно финансирање и склучување договори при Министерството за финансии.

М.В