/ Прочитано:

4.384

Констатирани бројни неправилности во АКМИС-системот

Во Министерството за правда денеска  беа презентирани наодите констатирани од увидот во функционалноста на информатичкиот систем и надзор над примената на одредбите од Судскиот деловник во судовите. Работна група од Министерството за правда, која ја предводеше судијата проф. д-р Лазар Нанев, досега изврши проверки на АКМИС-системите во Врховниот, Апелацискиот суд Скопје и во Кривичниот суд.

Увидот во функционалноста на информатичкиот систем и надзор над примената на одредбите од Судскиот деловник во судовите, односно во АКМИС-системот за 2016 и 2017 година беше спроведен на 5 и 10 октомври годинава во Основниот суд Скопје 1, на 9 ноември во Апелацискиот суд Скопје и на 17 ноември во Врховниот суд.

На денешната презентацијата се обрати министерот за правда Билен Саљији, кој истакна дека работната група констатирала недоследност во примената на Законот за управување со движењето на предметите во судот и Судскиот деловник, како и недоследност во користењето на АКМИС-системот во Основниот суд Скопје 1 и во Врховниот суд. Во Апелацискиот суд во Скопје е констатирано дека Законот за управување со движењето на предметите во судот и Судскиот деловник се применуваат, АКМИС-системот е имплементиран и редовно се користи освен во делот за судска управа.

„Предмет на увид во сите три суда беа: процедурите за функционирање на АКМИС-системот, годишниот распоред на судии, процедурата за исклучување на судија од автоматска распределба и прераспределба на предмети, сите одлуки за рачна распределба на предмети“, истакна Саљији.

Според извештајот, во Основниот суд Скопје 1 постојат 860 предмети во кои нема доделен судија, што ја доведува во прашање точноста на статистичките податоци во месечните и годишните извештаи за работата на судот и на судиите што се доставени до повисоките судови, Судскиот совет и Министерството за правда.

Како што посочи министерот за правда, најмногу неправилности имало во Основниот суд Скопје 1 каде што годишен план за управување со движењето на предметите во судот е донесен само во 2013 година, не е формирано Работно тело за управување со движење на предметите во судовите, не се донесени внатрешни процедури за одделни процеси при управување со движењето на предмети во судот, годишниот распоред за работа на судот за 2016 и 2017 година е менуван често и не е испочитувана процедурата за негово донесување.

Најмалку има во Апелацискиот суд Скопје каде што е констатирано дека основниот предмет се заведува во АКМИС, но сите дополненија на предметот не се заведуваат, туку се зема бројот на основниот предмет и предметот се чува во регистар. Кај Врховниот суд, меѓу другите забелешки, стои и дека АКМИС-системот се применувал според претходно применета рачна прераспределба на предмети, за што постои писмена одлука од претседателот на судот, но таа не е во согласност со одредбите на Судскиот деловник. На овој начин наместо случаен избор на судија се добива очекуван избор на судија.

„Целта на извршениот увид е по укажувањето за лоцирани недоследности да се коригираат од страна на надлежните судови со цел да се воспостави исклучителна професионалност во работењето на судовите и враќање на дигнитетот и кредибилитетот на судските институции. Извештајот од извршениот увид ќе биде доставен до надлежните институции за да постапат во согласност со нивните надлежности“, истакна министерот за правда, додавајќи дека барање за извештајот, во кој има и класифицирани информации, доставиле и од СЈО и потенцира дека во согласност со процедурите ќе биде доставен и таму.

Претседателот на работната група која го подготви извештајот, судијата Лазар Нанев, нагласи дека со констатираните состојби се доведува во прашање точноста на месечните и годишните извештаи за работата на судиите. Тој прецизираше дека Комисијата имала надлежност да утврди дали имало неправилности во функционирањето на АКМИС-системот.

„Понатаму надлежните институции ќе утврдат дали овие состојби исполнуваат законски битија на одредени инкриминации, во согласност со Кривичниот законик. Треба да се има предвид дека ако се додели предметот на очекуван судија, станува збор за повреда на Европската конвенција за човекови права во однос на пристапот до правда, постапувањето на непристрасен и независен суд и овозможување на фер судење“, нагласи Нанев.

Во извештајот на експертската група на Рајнхард Прибе беше констатирано дека постојат индиции за злоупотреба на АКМИС-системот, кој како систем ги автоматизира и ги следи предметите од иницијалното отвoрање на предметот преку негово доделување, било да е кривичен, прекршочен, граѓански и други.

M.В