/ Прочитано:

756

Констатирани разлики меѓу податоците внесени од лекарите и oние во системот за плаќање по учинок, Тодоров се заканува со кривични

Петок, 10 мај 2013 – Несовпаѓање меѓу внесените податоци од лекарите и реалната состојба во системот за плаќање по учинок утврдило Министерството за здравство при  извршената контролата во Градската oпшта болница „8 Септември“. За внесување на лажни податоции стекнување противправна имотна корист лекарите може да бидат гонети кривично, односно против нив да биде поднесена кривична пријава и да бидат казнети со парична казна и затвор до три години.

„Не сакаме да бидеме ставени во ситуација да поднесуваме кривични пријави против оние што внеле лажни или грешни податоци во системот“, изјави министерот Никола Тодоров.

Тодоров, апелираше до сите лекари повторно да ги внесат податоците за учинок.

Очекува до 14 мај лекарите да ги внесат реалните податоци во системот за плаќање на учинок, а потоа, рече, на 15 мај ќе биде исплатена нивната плата. Како што истакна на 16 мај ќе бидат повторно контролирани сите болници и здравствени институции каде што е воведен системот за плаќање по учинок.

Стопирана е исплатата, исто така на наградата на стоте најдобри лекари чии имиња беа неодамна објавени во дневните весници. Причина за тоа, како што рече Тодоров, биле забелешките што за пријавените учиноци стигнале до него од двајца доктори. Министерот рече дека ќе бидат проверени учиноците на сите сто лекари.

Контролите на Министерството за здравство ќе продолжат. Денеска се прави контрола во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ и во Битолската болница.