Конституирано Националното координативно тело за правата на лицата со попречености
Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попречености во Република Македонија одржа конститутивна седница. Во рамките на конститутивната седница присутните имаа можност низ дискусија да ги искажат своите ставови и предлози за функционирањето на ова новоформирано тело при Владата на Република Македонија.
Координаторот на Националното координативно тело за лица со попречености, Спасе Додевски, истакна дека ова тело ќе претставува извршен механизам за имплементација на принципите зацртани во Конвенцијата на ООН и ќе работи на реализација на постулатите за еднаквост.
„Ова тело ќе има задача одлучно да пристапи кон унапредувањето на сите сегменти на животот и развојот на лицата со попреченост во Република Македонија, преку директна интервенција во законските и подзаконските акти и регулативи и нивна имплементација во соработка со државните и странски институции и организации во согласност со европските и светски принципи за оваа област и со Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попречености“, рече Додевски.
„Треба да се научиме да ги слушаме потребите на лицата со попреченост, да комуницираме отворено за сите прашања, и врз основа на нивните потреби заеднички да ги креираме политиките и мерките“, подвлече министерката Мила Царовска на конститутивната седница.
„Пред нас, како Влада и министерства, се исправени многу предизвици во унапредувањето на правата на лицата со попреченост. Процесот за деинституционализација, којшто е во тек, со себе носи и развивање на здравствено-социјални сервиси за лицата со попреченост во локалните самоуправи. Со овие процеси треба да се прилагодат и образовниот систем и пазарот на трудот, со што ќе се овозможи овие лица да се вклучат во заедницата и секојдневието. Во тек се активности за развој на индивидуалните сервиси, како: персоналната асистенција, помош и нега во домот, асистенцијата во настава, работниот асистент, рехабилитацијата и многу други, кои започнавме да ги развиваме оваа година“, рече Царовска.
Претседателот на Владата, Зоран Заев, ги повика сите институции и организации да се вклучат во грижата за лицата со попречености.
„Само ако работиме заедно на остварување на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, ќе можеме да изградиме општества кои ги вклучуваат сите луѓе, и кои на тој начин ќе ја исполнат големата заедничката цел: Да не оставиме никој зад себе“, рече Заев на конститутивната седница.
М.В