Конститутивна седница на Собранието
Во Собранието денеска напладне ќе се одржи првата седница на новиот парламентарен состав. Пратениците на седницата ќе одлучуваат за: избор на претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието на Република Северна Македонија, за верификација на мандатите на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија и за избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија.
„Бидејќи станува збор за вонредни околности и е неопходно одржување на задолжителна физичка дистанца меѓу пратениците, Конститутивната седница ќе се одржи во Големата сала на Собранието на Република Северна Македонија, односно во салата позната во јавноста како Голема купола. Пратениците ќе бидат на соодветна дистанца и ќе им биде обезбедена заштитна опрема. Гласањето на седницата ќе се одвива рачно (со картончиња)“, велат од Собранието.
Според Уставот, Собранието на Република Северна Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката. Пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието. Мандатот почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав.
Собранието од редот на пратениците избира претседател и еден или повеќе потпретседатели, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Собранието на Република Северна Македонија:
– го донесува и изменува Уставот;
– донесува закони и дава автентично толкување на законите;
– ги утврдува јавните давачки;
– донесува републички буџет и завршна сметка на буџетот;
– донесува просторен план на Републиката;
– ратификува меѓународни договори;
– одлучува за војна и мир;
– донесува одлука за менување на границата на Републиката;
– донесува одлука за стапување и истапување од сојуз или заедница со други држави;
– распишува референдум;
– одлучува за резервите на Републиката;
– основа совети;
– избира Влада на Република Северна Македонија;
– избира судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија;
– врши избори, именувања и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон;
– врши политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието;
– дава амнестија и
– врши други работи утврдени со Уставот.
Собранието за вршење на работите од својата надлежност донесува и одлуки, декларации, резолуции, препораки и заклучоци.
М.В