/ Прочитано:

1.769

Конвертибилен заем: нова можност за стартап компаниите и инвеститорите

Повод за интервјуто со адвокат Дејан Алексов е најновата измена на Законот за трговските друштва со која се воведува можност за инвестиција во трговските друштва преку заем даден од страна на трето лице, односно инвеститор, кој подоцна се трансформира во влог во друштвото.

Кои се предностите и новите можности за инвеститорите со донесената измена во Законот за трговските друштво со која, де факто, се дозволува конвертибилниот заем?

Младите и иновативни компании имаат голем потенцијал за брз раст (поради иновацијата што ја носат на пазар), меѓутоа голем дел од нив не успеваат и пропаѓаат.

Во вакви услови, инвеститорите коишто вложуваат финансии во овие компании, а добиваат удел се изложени да станат дел од сопственичка структура на компанија која има голема веројатност да пропадне, а со тоа и да го носат товарот во процесите на затворање.

Предноста на овој механизам за инвестирање е тоа што ќе им овозможи на инвеститорите да ги вложат своите средства како заем, па потоа во рок од 3 години да проценат дали истите да ги трансформираат во влог и да станат дел од сопственичката структура или заемот да биде третиран како долг.

Друга предност е во тоа што на почетоците многу тешко се проценува вредноста на младата компанија, па инвеститорите потешко проценуваат колку удел вреди нивната инвестиција. Вака ќе можат одлуката да ја донесат во подоцнежни фази.

Која беше главната пречка со која се соочувавте како адвокат при спроведувањето на постапки за инвестирање, особено во стартап компании и како тоа доведе до Вашата вложеност во подготовката на измената на Законот за трговските друштва?

Најчесто сите инвестиции досега се спроведуваа преку постапка на ,,зголемување на основната главнина” на компанијата, каде што, инвеститорите преземаат нови влогови, па со уплатата на финансиите веднаш стануваат дел од сопственичката структура.

Формално-правно тука не постојат пречки, меѓутоа постојат ризици за инвеститорите, во смисла што на почетоците, многу тешко се проценува дали некоја компанија ќе биде на добар пат или не. Тука зборуваме за инвестиции во компании коишто се на почетна фаза на идеја или се новоосновани, кои допрва го тестират својот производ или услуга.

Како ко-основач на Стартап Македонија, преземавме иницијатива за воведување на оваа промена, бидејки овој механизам за инвестиции постои во светот и е еден од основните механизми кои се користат при ваков тип на инвестиции.

Како адвокат кој води адвокатска канцеларија фокусирана на стартап компании и инвестиции, кое е Вашето мислење за развој на микро и малите друштва, но и општо за бизнис заедницата во Република Северна Македонија со донесувањето на оваа измена на Законот за трговските друштва?

Со воведување на оваа измена, се надеваме на подобар пристап до финансии за младите иновативни компании, а истовремено и подобра заштита на инвеститорите. Сé уште е рано да се каже бидејќи праксата допрва ќе се гради, но се надеваме на успешни приказни кои ќе мотивираат и инспирираат за диверзификација на приватното богатство на инвеститорите во еден ваков тип на вложување.

 

Адвокат Дејан Алексов ќе оддржи советување на 23.06.2022 година во просториите на Академик ДООЕЛ Скопје на кое подетално ќе ја образложи оваа тема, а присутните ќе имаат можност да поставуваат прашања и да дискутираат за законските решенија во врска со конвертибилниот заем.