Координативната средба во Собранието заврши со договор за избор на претседател на Комисијата за прашања на избори и именувања
По договорот за избор на претседател на Комисијата за прашања на избори и именувања се очекува продолжението на конститутивната седница од 30 декември да биде закажано за в понеделник.
Претставниците на пратеничките групи денеска на координативната средба во Собранието постигнаа договор за избор на претседател на Комисијата за прашања на избори и именувања. Имено, тие се договорија претседателското место да го има ВМРО-ДПМНЕ.
„Заврши координацијата во Собранието и сакам да соопштам дека е постигната согласност за составот на Комисијата и за претседател на Комисијата.
Иако постоеше едно од низата неразумни барања кое беше поставено од ВМРО-ДПМНЕ, ние прифативме претседателот на Комисијата да биде од ВМРО-ДПМНЕ сè со цел да се откочат процесите во Р. Македонија, да профункционираат демократските тенденции и сè со цел ниту граѓаните ниту законодавниот дом да не бидат заложници на кој било политичар или политичка партија во Македонија. На тој начин, сакаме да го ставиме во функција Собранието на Р. Македонија како највисок претставнички дом на граѓаните на Р. Македонија.
Сметам дека ова е потребно и добро поради тоа што најмногу штета трпат граѓаните на Р. Македонија, најмногу штета трпи економијата. Да создадеме услови и да ги откочиме можностите граѓаните, земјоделците, работниците да си ги остваруваат своите права и да ги добијат парите што им следуваат како субвенции и на тој начин Р. Македонија да почне конечно да чекори напред кон просперитет, кон поинаков начин на функционирање, сè со цел и граѓаните и државата да имаат вистински благодат и корист од институциите на системот“, изјави Оливер Спасовски од СДСМ.
По ова се очекува продолжението на конститутивната седница од 30 декември да биде закажано за в понеделник. Претходно, партиите се договорија и за членовите со кои парламентарните групи ќе бидат застапени во Комисијата, и тоа: ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена, СДСМ ќе има пет, а ДУИ и Беса по еден член.
Инаку, одлуката за избор на претседател на Комисијата за прашања на избори и именувања е донесена по три координативни средби на кои ВМРО-ДПМНЕ бараше претседателот на Комисијата да биде член од нејзините редови, бидејќи има најголем број пратеници, додека СДСМ тврдеше дека првиот човек на Комисијата треба да биде од редовите на парламентарното мнозинство.
А. Б.