Koмплетно формирана Комисијата што ќе ја води истрагата за смртта на претседателот Трајковски
Четврток, 24 јануари 2013 – Откако и Македонија ги делегираше своите претставници, меѓународната Комисија која ќе која ќе ја реотвори истрагата за загинувањето на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски во авионската несреќа кај Мостар е формирана.
Вкупно 22-ца стручњаци од Македонија ќе бидат дел од новата истрага за уривањето на владиниот Кингер, која ја отворија босанските власти. Најголем дел од нив ќе бидат техничка поддршка, а 5-мина ќе бидат директно вклучени во работата на комисијата. Се чека само босанскиот министер за транспорт да ја потпише одлуката за назначување на македонските членови, јавува Канал 5.
Освен од Македонија во комисијата ќе учествуваат преставници на Босна и Херцеговина, Хрватска и САД, сите професионалци и познавачи од неколкумина области од воздухопловството, како и крим техничари.
Се очекува новата истрага да отвори прашања што претходно не се разгледувале, откако македонските власти лани доставија повеќе од 30 докази до босанските.
Пред неколку години, Комисијата што беше оформена за истражување на несреќата, а ја формира Советот на министри на БиХ, изведе заклучок дека причината била „процедурална грешка на пилотската екипа во фазата на слетување на Мостарскиот аеродром“. Поради недостиг на докази и факти, обвинителството на БиХ никогаш не поднесе обвинение против никого за падот на авионот.
Во авионската несреќата што се случи на 6 февруари 2004 година во Мостар, покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерство за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.