/ Прочитано:

1.329

Корисни совети од РСБСП за зимска подготовка на возилото

Секоја есен, по 15 ноември започнува законската обврска за носење зимска опрема во возилата. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, освен законски пропишаните норми, советува за приспособување на возилото кон условите на патот бидејќи зимата и ноќта кријат многу опасности кои некогаш тешко се препознаваат и се забележуваат.

возило во снег

Возењето во зимски услови е предизвик и за возачот и за возилото. Ладното време ги тестира границите на техничката исправност на возилото, а лошите услови за возење, пак, ги тестираат вештини и способности на возачите.

Затоа РСБСП препорачува:

Ø  Најпрво, направете му редовен сервис на возилото. Како дел од редовната проверка на возилото, посебно внимание посветете на акумулаторот на моторот. Многу е важно да знаете 2 работи: прво, акумулаторот кој лесно стартувал во летниот период може да не е доволно наполнет за да го прави истото и во зима, а моторот потешко се стартува бидејќи маслото не е „маслото“ кое беше во јули, и втората работа, акумулаторите ја губат својата моќ со паѓање на температурите под нула. Затоа, не само што е потребна поголема моќ за да се стартува моторот на возилото во зима, туку добива и помалку енергија и сила од акумулаторот. Ваше е само да го однесете возилото на сервис, а за маслото и за акумулаторот ќе се погрижи овластениот сервисер.

Ø  Проверете го нивото на антифриз во возилото. За да бидете сигурни дека антифризот ќе го заштити возилото од зимските температури за време какво што имаме на нашето поднебје, може да го разредите со вода (50-50) и без проблем да возите цела зима. Постојат повеќе видови и повеќе производители на антифриз и најдобро е да земете од оној што најмногу одговара за вашето возило.

Ø  Набавете си зимски бришачи за стакло со гумени облоги кои спречуваат да замрзне гумата која директно допира на ветробранските стакла и оневозможува на нив да се нафати мраз. Тие се одлични, но само за во зима бидејќи се тешки и ако се употребуваат и во пролет и во лето предвреме ќе го оштетат моторот кој ги движи. Резервоарот за вода за бришачи треба да е полн со течност која не мрзне и до -30◦С.

Совет: кога употребувате бришачи во зима, прво исклучете ги бришачите, па потоа изгаснете го моторот на возилото. Зошто? Бидејќи водата (снег, дожд) за време на ноќта мрзне, а со тоа и бришачот мрзне и се лепи за стаклото.  Доколку не го исклучите, наутро, кога ќе го стартувате моторот на возилото, бришачите автоматски ќе се вклучат и бидејќи се замрзнати за стаклото нема да можат да се движат и на тој начин  со „бришење во место“  може да го прегорат моторчето кое ги движи.

Ø  Секогаш имајте доволно гориво во возилото. Доколку „заглавите“ во градскиот метеж или доколку сте на пат на кој има застој, работата на моторот на вашето возило ќе ви биде главниот извор на топлина и затоа резервоарот треба да ви биде секогаш полн или барем ¾ полн. Моторот на возилото може да работи подолг временски период кога возилото е во мирување, односно сѐ додека има  погонско гориво. Еден дополнителен совет до возачите кои имаат постари возила: доколку со возилото сте на едно место подолг временски период, подотворете малку прозор за да влезе воздух бидејќи постарите возила емитуваат поголемо количество јаглерод диоксид кој може да навлезе во кабината на возилото.

Ø  Проверете дали се исправни грејачите на задното ветробранско стакло на возилото. Тие се многу важен елемент за безбедно управување на возилото во зима посебно наутро кога возилото е замрзнато или покриено со снег. Секој совесен возач треба прво да ги одмрзне и да ги исчисти стаклата на возилото, а потоа да седне зад воланот и да го управува.

Ø  Товарот на возилата. Во зима немојте да ставате голем товар во возилата. Носете го со вас само она што ви е неопходно. Нека ви биде пракса носењето лопата, мала вреќичка песок, патосници за под тркалата во случај да заглавите во подлабок снег, еден пар топли дебели ракавици и, секако, полна батерија на мобилниот телефон. Телефонскиот број за помош на патот е 196.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и оваа зима со одбрани совети ќе се потруди секој возач да управува возило со кое нема да претставува опасност во сообраќајот, туку ќе ја обезбеди не само својата, туку и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот

Овој едукативен текст е во рамките на зимската кампања која ја реализира РСБСП, со поддршка од Мотоцентар – Прв избор за гуми.  РСБСП, во партнерство со Мотоцентар,  им посакува безбедни патувања на сите учесници во сообраќајот.