/ Прочитано:

1.009

Користење на генетско-молекуларни анализи во кривичната постапка – национална правна рамка и европски стандарди

Правниот факултет во Загреб, во соработка со хрватската Фондација за наука, на 21.1.2021 година, електронски ја организираше научно-стручната расправа на тема „Користење на генетско-молекуларни анализи во кривичната постапка – национална правна рамка и европски стандарди“. Дискусијата е дел од активностите на Projekt Nedužnosti u Hrvatskoj (Innocence Project in Croatia), односно проект чија цел е докажување на невиноста кај погрешно осудени лица, вложување на вонредни правни лекови засновани на дополнително молекуларно-генетско вештачење.

Главни излагачи на настанот беа:

  • проф. д-р Давор Деренчиновиќ, шеф на Катедрата за казнено право при Правниот факултет во Загреб и претседател на Академијата за правни науки на Хрватска;
  • проф. д-р Драган Приморац, претседател на одборот за меѓународни односи при Американската академија за форензички науки;
  • проф. д-р Ксенија Турковиќ, судија на Европскиот суд за човекови права;
  • Андреа Ледиќ, началник на институтот за форензички истражувања „Иван Вучетиќ“ од Загреб;
  • Адела Макар, раководител на службата за биолошки и контактни вештачења при Центарот за форензички испитувања и вештачења „Иван Вучетиќ“ од Загреб.

Настанот беше модериран од страна на доц. д-р Сунчана Роксандиќ, доцент на Правниот факултет во Загреб и м-р Андреј Божиновски, докторанд на Правниот факултет во Загреб и правен советник при Здружението на судиите на Северна Македонија. На регионалната конференција присуствуваа и група македонски судии и јавни обвинители: јавниот обвинител Сашо Рајчев од ОЈО Скопје, судијата Ѓорѓи Андонов, претседател на Основниот суд во Штип, судијката Габриела Гајдова од Основниот суд во Велес, судијата Бетим Јахја од Основниот суд во Тетово и судијата Илир Исени, претседател на Основниот суд во Дебар.

Расправата ја отвори проф. Давор Деренчиновиќ, кој воедно е и координатор на проектот за докажување на невиноста кај погрешно осудените лица. Во своето излагање тој се осврна на важноста на проектите за докажување на невиноста кај погрешно осудените лица и иновативноста на тие проекти во регионот на Западен Балкан.

Тој укажа на градуалниот пристап во Хрватска преку кој дошло до изведба на ваков проект. Интересот во академската заедница во Хрватска на оваа тема започнал во 2015 година, на научна расправа на тема „ДНК-анализа во функција на заштита на правата на осудените лица: американски искуства и хрватски перспективи“, во организација на Академијата за правни науки на Хрватска. Понатаму, интересот прераснал во научно истражување на тема „ДНК-методите и дополнителните вештачења во ЕУ и Хрватска“, чии резултати беа презентирани на ISABS-конференцијата за форензика, антропологија и медицинска генетика и клинички предавања од областа на транслациската медицина од клиниката „Мејо клиник“.

На тој научен собир свое излагање имаа и проф. Деренчиновиќ и доц. д-р. Сунчана Роксандиќ, каде што се осврнаа на можностите во хрватското национално законодавство за воспоставување на таков проект преку кој би се вршеле теренски истражувања, анализа на пресуди, застапување на странки и предлагање на реформа на домашните законски решенија во согласност со стандардот за  законски квалитет на ЕСЧП. Понатаму, во организација на Правниот факултет од Загреб, во склоп на активностите на курсот „Crime Prevention Through Criminal Law and Security Sciences“ во Дубровник, проф. Давор Деренчиновиќ, како предводник на експертскиот тим, преку презентацијата „Innocence Project and Subsequent DNA Testing in Croatia: A Possible Reality or an Unattainable Future“, ги претстави основите за формирање на Projekt Nedužnosti u Hrvatskoj и во земјите во регионот на Западен Балкан, имајќи ја предвид сличноста во законските решенија.

Во неговото излагање тој се осврна на фактот дека овие проекти се повеќе присутни во земјите на прецедентното право отколку во земјите на континенталното право. Иако постојат определени ограничувања поради континенталниот модел на кривична постапка, во неколку земји во Европа присутни се вакви проекти кои се занимаваат со истражувања на невино осудени лица, кои се иницирани од страна на правните факултети (Италија, Полска) или адвокатски канцеларии (Холандија) кои нудат правна помош на заинтересирани осудени лица преку преиспитување на ДНК-профилите.

Во понатамошното излагање тој укажа дека во Хрватска ова е првиот проект кој е насочен на истражување и повторно преиспитување на судските одлуки во предмети каде што се вршело земање, користење и складирање на ДНК-примероци и профили на осудени лица за сторени тешки кривични дела. Базите со податоци за ДНК-вештачења во Хрватска засега се водат само при Центарот за форензички испитувања и вештачења „Иван Вучетиќ“ од Загреб.

Тој ја потенцира важноста на тие бази со податоци поради можноста за нивно континуирано ажурирање со ДНК-податоци, кои подоцна можат да се користат за разни истражувачки цели, како и за утврдување на невиноста кај погрешно осудени лица. Тој укажа дека ДНК-анализата е еден од методите кои се користат во кривичната постапка за пронаоѓање и утврдување на сторителите на казнени дела, но еднакво на тоа и за утврдување на нивната одговорност или невиност. Во таа смисла, еден од целите на овој проект е осмислување на механизам за обнова на постапките врз основа на спроведени дополнителни вештачења, односно молекуларно-генетски анализи во смисла на Законот за кривична постапка на Хрватска.

За да може да се поднесе барање за повторување на постапката, потребно е и добро складирање на одземениот ДНК-материјал, односно зачувување на предметите кои содржат материјални трагови, т.е. corpore, од кои би се одзел тој материјал за да може да се изврши дополнително вештачење. Доколку резултатите од дополнителното вештачење упатуваат на друг резултат, односно укажуваат дека лицето не го сторило кривичното дело, тогаш тоа лице би се советувало да поднесе барање за обнова на кривичната постапка врз основа на новопронајдениот доказ.

Дополнително, преку проектот би се сугерирало и преземање на понатамошни соодветни мерки на правна заштита поради повреда на човековите права, односно чл. 6 и чл. 8 од ЕКЧП. Во своето завршно излагање тој укажа дека целта на проектот, освен заштита на правата на погрешно осудените лица, е и пополнување на јазот помеѓу националната правна рамка и практиката на ЕСЧП.

Вториот панелист беше проф. д-р Драган Приморац, претседател на Одборот за меѓународни односи при Американската академија за форензички науки. Воедно, како еминентен доктор, педијатар, генетичар, форензичар, тој е и носител на титулата „глобален амбасадор“ на Универзитетот во Пенсилванија – САД. Во своето излагање, тој се осврна на практиката со генетско-молекуларните анализи во САД и на нивниот придонес во утврдување на невиноста кај погрешно осудените лица преку методот на дополнително вештачење.

Тој се осврна на тоа дека преку дополнителни вештачења во САД во периодот помеѓу 1989–2015 година се ослободени повеќе од 300 осудени лица, а во 50% од истражувањата преку дополнителното ДНК-вештачење се утврдиле и вистинските сторители на кривичните дела. Дополнително, тој укажа на важноста на центрите за форензичко истражување, во смисла на чување на збирки со податоци и научен пристап до тие збирки. Тој, исто така, се осврна на проблемот на  нивниот плуралитет, односно на тоа дека не може сѐ да зависи од една лабораторија која се наоѓа при Министерството за внатрешни работи бидејќи со тоа се повредува принципот на правично судење.

Судијката на Европскиот суд, професор Ксенија Турковиќ во своето излагање образложи неколку предмети од практиката на Судот, кои се однесуваат на собирање, користење и чување на ДНК-материјали. Најновата пресуда против Северна Македонија, донесена во февруари минатата година, во предметот Трајковски и Чиповски против Северна Македонија беше предмет на дискусија и расправа. Во таа пресуда, како претседател на Советот кој ја донесе пресудата, укажа дека е од голема важност да постојат законски рокови кои би го регулирале користењето, земањето и складирањето на ДНК-материјали во целите на кривичната постапка. Иако во Република Северна Македонија постојат одредби во ЗКП и во полицискиот деловник кои упатуваат кога полициските службеници можат да земат и да користат ДНК-примероци од осомничени лица, таа упати на тоа дека е потребно допрецизирање на тие одредби, односно дека сегашната регулатива во земјата не го исполнува условот на „квалитет во нормативната рамка“. Доколку не постојат такви процеси, тогаш доаѓа до повредување на процесните права на лицата, односно повреда на членот 8 – заштита на приватноста и на членот 6 – правично судење. Таа ја потенцираше важноста на оваа тема и усогласувањето на законодавството на Хрватска и на земјите од Западен Балкан со практиката на Судот.

Претставничките од Центарот за вештачења Андреа Ледиќ и Адела Макар во своите презентации се осврнаа на улогата на Центарот за форензички истражувања и вештачења во откривање на сторителите на криминал. Укажаа на модернизирањето на постојната база со податоци на одземени ДНК-профили и податоци, како и на пристапот на научната јавност спрема тие податоци. Во истражувањето тие процентуално укажаа на барањата за вештачења и дополнителни вештачења кои се користат за цели во кривичната постапка.

По завршувањето на презентациите се пристапи кон дискусија, која резултираше со донесување на заклучоци и препораки: етаблирањето на проекти за утврдување на погрешно осудени лица е приоритет во регионот на Западен Балкан; практиката на Судот мора да се почитува во однос на пополнување на домашните законски дискрепанции, како и тоа дека плуралитетот на ДНК-лаборатории е предуслов за правично судење.

М.В