/ Прочитано:

982

Корупцијата – болест на општеството што остава последици врз демократијата

Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК)  во Собранието ја одржа својата трета пленарна сесија, во чиј фокус беше борбата против корупцијата.

Со Националната конвенција претседаваше Милева Ѓуровска, национална координаторка на НКЕУ-МК и претседателка на Европското движење, а свои поздравни обраќања упатија Стево Пендаровски, претседател на Република Северна Македонија; Едвард Кукан, поранешен член на Европскиот парламент; Никола Попоски, претседател на Националниот совет за евроинтеграции; Андреј Жерновски, заменик-министер за надворешни работи; Ерик Јановски, претставник на УСАИД, и Томаш Стражај, директор на Словачката асоцијација за надворешна политика.

Ѓуровска истакна дека Конвенцијата донела вредности во евроинтегративните процеси, стратегија за заедничко дејствување на сите чинители во процесот, а искористувајќи ги искуствата од Словачка, ја добила титулата – добра практика за влез во ЕУ.

Конвенцијата се осврнува на поглавјата 23 и 24 од интерес за евроинтегративниот процес, но и на Поглавјето 27, кое се однесува на климатските промени и животната средина.

Претседателот Пендаровски посочи дека во борбата против криминалот и корупцијата не може да има добри резултати ако нема системско справување и вредносен систем којшто ќе биде изграден според европски критериуми, за што е потребна јасно изразена волја на сите политички чинители во државата. Корупцијата е проблем со кој се соочуваат речиси сите држави и тој честопати бара и заеднички одговор. Ниту земјите коишто во својот развој достигнале највисок степен на демократија не се имуни на случаи на тешка корупција. Тој ја охрабри работата на Антикорупциската комисија во борбата против сите случаи на корупција и судир на интереси, која дава надеж дека состојбата се менува на подобро, а нивната работа треба да ја следи и понатаму да продолжува и да ефектуира добро подготвено јавно обвинителство и независно судство.

Кукан истакна дека за само три недели Советот на ЕУ ќе ја усвои одлуката за добивање датум за преговори, со мисла за позитивни вести од Брисел.

Од своја страна, Попоски изрази уверување дека ќе дојде до промени, но ако не изградиме имиџ на европска земја, ќе си го одложиме влезот во ЕУ.

Заменик-министерот Жерновски испрати порака дека земјата е силна и подготвена да отпочне темелна анализа на процесот кон пристапување во ЕУ.

Јановски посочи дека од УСАИД се обединети во визијата за целосна интеграција на земјата во ЕУ, воедно упати благодарност до работните групи кои работат на препораките и повика на нивна имплементација и премин во акциски планови и реални резултати.

Градење на капацитетите на локалниот партнер е целта на Словачката асоцијација за надворешна политика, како и споделување на словачките искуства во полето на корупцијата, истакна директорот Стражај.

Учесниците дебатираа на панел-дискусијата на тема: „Како против корупцијата?“, со која модерираше Александра Деаноска-Трендафилова, каде што споделија свои искуства од досегашната практика и идни видувања во поглед на следните теми: „Практиката на Европскиот суд за човекови права за конфискацијата на бесправно стекнатиот имот“, „Како да се бориме против корупцијата? – искуствата на Велика Британија“, „Конфискацијата во практиките на борбата со корупцијата во Република Северна Македонија“, „Регионалната иницијатива за борба против корупцијата (РАИ) „Улогата на РАИ во борбата против корупцијата“,  „Зајакнување на антикорупцијата во Југоисточна Европа преку подобрување на мерките за заплена на средства“ и „Искуствата на спречување на корупцијата во Република Северна Македонија“.

Во дискусиите беше истакнато дека организираниот криминал цвета, а криминалните групи поврзани со корупцијата се едни од најотпорните. Измамата, митото, злоупотребата на пазарот, перењето и трансферот на пари, нелегално стекнатите средства, се глобални проблеми. Корупцијата го разјадува секое општество и токму затоа е неопходно развивање нова стратегија, постоење на закони, но и најважно нивна имплементација во борбата против корупцијата на меѓународен план.

Финалната сесија, на која модератор беше професорот Блерим Река, беше посветена на работните обврски кои укажуваат на големото значење на Националната конвенција за ЕУ, како заокружување на првиот циклус.

Пратеничката Шпреса Хадри, оценувајќи го денешниот собир како одличен форум за отворен разговор за прашања од заеднички интерес, се осврна на значењето од добивањето датум за почеток на преговори за членство во ЕУ  и приоритетноста на борбата со корупцијата, како еден од предизвиците на евроинтегративниот пат.

На крајот беше истакнато дека Националната конвенција за ЕУ е единствената граѓанска платформа која дејствува во четири поглавја од преговарачкиот процес. За приближување до јавноста, за сето она што е изработено, сите дискусии, заклучоци, препораки во Конвенцијата, е изработена една публикација: „Книга на препораки на НКЕУ-МК“. Во неа се даваат експертски анализи какви се состојбите во поглавјата на кои се работело и на што треба да се обрне внимание во разгледувањата на овие поглавја.

М.В