/ Прочитано:

1.802

Корупцијата и злоупотребата на средствата од ЕУ наменети за проекти ги затвораат вратите на европските фондови

Станува збор за исклучително чувствителна тема, односно алокација и злоупотреба на европските ресурси и на фондовите од страна на локалните власти. Но, целта е секако да се истакне потребата од поголема активност и улога на граѓаните за подобрување на распределбата на средствата во нивните заедници. Постојат многу строги правила при користење на парите од европските фондови и навистина е штета кога тие се потрошени, но не за зацртаните проекти, туку едноставно не им се знае трагата. Во тој случај, вратите на европските фондови се затвораат.

ЕУ ФОНД

„На грантовите што ги доделуваат европските фондови во локалните заедници за реализација на проекти се гледа само како начин за полесна лична добивка.“

„Ни недостасува планирање кое е основно за успешна употреба на европските пари и за целосна реализација на проектите, било да се од областа на образованието, инфраструктурата или здравството.“

„Финансиската помош која ја добиваме од Европа не е целосно искористена. Се почнуваат проекти, не се довршуваат, потоа се почнуваат други, и така во круг.“

„Иницирани се одлични проекти за напредок на општината, за подобар живот на луѓето, но за жал тие не се спроведуваат во пракса.“

„Локалните власти нè информираат само дека парите биле вратени во Брисел бидејќи не биле соодветно искористени“.

Причините за корупција и злоупотребата на парите од фондовите од ЕУ, ставени во контекстот на сиромаштијата, незнаењето и реалните проблеми на локалното население во помалите гратчиња и села во шест држави, се реално прикажани во документарниот филм „Сиромавиот роднина“, кој е дел од проектот „АЛО – Прашај ги локалците!“. Проектот кој е спроведен во Крушево – Македонија, Јоргос Kараискакис – Грција, Чавдар и Пирдоп – Бугарија, Бујановац – Србија, Бакау – Романијa и Калтанисета – Италија е финансиран од програмата „Европа за граѓаните“ со цел да се подигне свеста и на населението во помалите заедници, но и на локалните власти за значењето на финансирањето проекти од страна на Европската Унија.

„Станува збор за исклучително чувствителна тема, односно алокација и злоупотреба на европските ресурси и на фондовите од страна на локалните власти. Но, целта е секако да се истакне потребата од поголема активност и улога на граѓаните за подобрување на распределбата на средствата во нивните заедници. Постојат многу строги правила при користење на парите од европските фондови и навистина е штета кога тие се потрошени, но не за зацртаните проекти, туку едноставно не им се знае трагата. Во тој случај, вратите на европските фондови се затвораат, вели Анелија Митрова од НВО „Младинскиот сојуз – Крушево“, организацијата која, во соработка со „Интер алија“ – Грција, го реализираше проектот „АЛО – Прашај ги локалците!“.  

Според невладините организации кои работеа на овој проект, избраните приказни во документарниот филм се тесно поврзани со главната цел на проектот, а тоа е дека секој граѓанин има право да знае што направила неговата општина за подобрување на секојдневниот живот во населбата со парите што се добиени од Европската Унија.

„Конкретно во Крушево, локалното население воопшто нема сознанија дека некои проекти се финансирани од страна на европски фондови и на тој начин речиси и  немаат можност да придонесат во процесот на градење на ‘европската приказна’. На прашањето дали во вашиот град има европски средства и дали тие се правилно искористени или се злоупотребени, анкетираните граѓани рекоа дека немаат такви информации. Тие сметаат дека средствата од фондовите на ЕУ не се доволно транспаренти и дека не постои начин како можат да дознаат за нив, а злоупотребата на фондовите на ЕУ и корупцијата, секако, нè засегаат сите нас без разлика од кој град, од кое село или од која општина доаѓаме“, вели Митрова.

Перцепцијата на дел од граѓаните анкетирани во врска со користењето на европските фондови е како далечно ехо и тие потенцираат дека тоа за нив значи дека резултатите не се забележуваат во регионот. Во Србија, како што се изјаснуваат локалците во документарниот филм, секојдневно преку медиумите се слуша дека ЕУ инвестира многу пари за подобрување на условите за живеење на луѓето, но велат дека тие пари никогаш не стигнуваат до граѓаните.

Од друга страна, пак, во општината Чавдар во Бугарија, луѓето велат дека животот им е целосно позитивно променет откако парите од европските фондови се целосно наменети за подобрување на нивниот живот.

„Достапноста на информациите на јавноста, пристапот на сите луѓе е клучен фактор за успешно владеење затоа што без заеднички напори на оние што се директно засегнати од тие проекти, не е возможно проектите да се имплементираат. Можам да тврдам дека средствата што ги добивме за проекти од европските фондови и од други извори се искористени на најкоректен начин затоа што луѓето што живеат овде и оние што го посетиле местото пред 10 години ја согледуваат позитивната промена во селото“, вели Григор Даулов, одговорен за јавни проекти во Општина Чавдар.

А. Б.