/ Прочитано:

2.621

Краток преглед на законските прописи во РМ за спречување на сивата економија

Автор: доцент д-р Кимо Чавдар

Објавено: Скопје, 2010


Сивата економија која можеме да ја сфатиме како вршење на дејности кои се дозволени, но чии вршители со нивното нерегистрирање кај надлежните органи, или со прикривање на вршењето на одредени сектори од тие дејности, го избегнуваат плаќањето на јавните давачки, не е подобна за нејзиното регулирање, но прописите кои се однесуваат во врска со неа, главно, се однесуваат на нејзино спречување, со пропишување санкции кон лицата кои се бават со неа.

Од прегледот на прописите кои се донесени во врска со спречување и санкционирање на сивата економија, може да се констатира дека такви прописи не недостигаат, туку е во прашање ефикасноста во нивното применување, односно и неможноста во целост да се спречи сивата економија како појава, со оглед на бројноста на лицата кои се бават со неа.

Законски прописи во кои се содржани одредби за спречување, односно санкционирање на сивата економија, главно, се следните:

  1.  Закон за трговија (,,Сл. весник на РМ” бр. 16/04, 128/06)
  2. Закон за работните односи ( ,,Сл. весник на РМ” бр. 62/05)
  3. Закон за авторското право и сродните права (,,Сл.весник на РМ “ бр. 23/05- пречистен текст)
  4. Закон за царинските мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост ( ,,Сл.весник на РМ” бр. 38/05)
  5. Царински закон ( ,,Сл.весник на РМ “ бр. 39/05)
  6. Закон за трговските друштва (,,Сл. весник на РМ” бр. 28/04, 84/05, 25/07)
  7. Закон за регистрирање на готовински плаќања (,,Сл. весник на РМ” бр. 31/01, 42/03, 40/04, 70/06, 126/06)
  8. Закон за спречување на перење на пари и други приноси од казниво дело ( ,,Сл. весник на РМ” бр. 46/04)
  9. Закон за платниот промет ( ,,Сл. весник на РМ” бр. 113/07)
  10. Закон за персоналниот данок од доход (,,Сл. весник на РМ” бр. 74/06 – пречистен текст).
  11. Закон за данок на добивка (,,Сл. весник на РМ” бр. 27/06 – пречистен текст)
  12. Закон за државниот пазарен инспекторат ( ,,Сл. весник на РМ” бр. 35/97, 23/99, 7/02, 20/02)
  13. Закон за финансиската полиција (,,Сл. весник на РМ” бр. 55/07)
  14. Закон за полицијата ( Сл. весник на РМ”. 114/06)
  15. Закон за прекршоците ( ,,Сл. весник на РМ” бр. 62/06, 69/06)
  16. Закон за судовите ( ,,Сл. весник на РМ” бр. 58/06, 62/06)
  17. Други законски прописи во кои се содржани одредби , посебно за прекршоците со кои се санкционира сивата економија.

Заради согледување на тоа какви норми со кои се санкционира сивата економија, односно за надлежноста на одредени органи за нејзино спречување, се содржани во овие законски прописи, овде ќе бидат презентирани одредени одредби од некои од нив.

1. Со Законот за трговија се уредуваат условите и начинот на вршење на трговија на внатрешниот и надворешниот пазар, мерките на ограничување на вршење на трговијата и заштитните мерки, со тоа што е пропишано дека трговија е купување и продавање на стоки, како и вршење на трговски услуги.

Според Законот, трговија можат да вршат правни и физички лица кои се регистрирани за вршење на таа дејност во соодветен регистар согласно со закон.

На зелените пазари се врши трговија на големо и мало на земјоделски стоки под услови пропишани со закон и друг пропис, а на посебно организирани делови на зелените пазари може да се врши трговија на големо и мало и на други стоки под услови пропишани со закон и друг пропис.

Инспекциски надзор на спроведувањето на Законот за трговија вршат Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и други инспекциски и царински органи, согласно со овластувањата утврдени со тој закон и со посебните закони , со овластување да преземат определени мерки за спречување на повредите на законите.

Прекршоци во врска со повредите на овој Закон, меѓу останатото, се пропишани и за:

  • вршење трговија без да се биде регистриран во соответниот регистар соодветно со закон;
  • неводење евиденција за набавка и продажба на стоките на големо и мало, односно за давањето на услугите;
  • вршење на увоз и извоз на стоки без посебна дозвола, кога е таква пропишана;
  • продажба на стоки на зелени пазари, кои како такви не се определени од општината .

2. Со Законот за работните односи се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Со Законот е пропишано дека работниот однос меѓу работникот и работодавачот се заснова со потпишување на договорот за вработување, а правата, обврските и одговорностите врз основа на вршењето на работата од работниот однос и вклучвање во задолжителното социјално осигурување врз основа на работниот однос, започнуваат да се остваруваат со денот на стапувањето на работникот на работа, договорени во договорот за вработување.

Посебно е пропишано дека работодавачот е должен да го пријави работникот во задолжителното соцјално осигурување (пензиско и инвалидско, здраствено и осигурувањето во случај на невработеност), во согласност со посебните прописи. Заверена фотокопија од пријавата му се врачува на работникот во рок од три дена од денот на стапувањето на работа . Работникот не може да стапи на работа пред да се склучи договорот за вработување и пред работодавачот да го пријави во задолжително социјално осигурување.

Инспекциски надзор во областа на работните односи врши органот на државната управа надлежен за работите на инспекцијата на труд преку инспектори на трудот. Ако инспекторот на трудот утврди повреда на закон, друг пропис, колективен договор, договор за вработување и други акти над чија примена врши инспекциски надзор, со решение ќе му нареди на работодавачот да донесе или поништи акт со кој ќе ги отстрани утврдените неправилности и недостатоци. Посебно, инспекторот на трудот со решение ќе го забрани вршењето на работи на работодавачот за одредено време, ако:

  • затекне да работи лице со кое не е заснован работен однос во согласност со Закон и колективен договор;
  • работодавачот не поднел пријава за задолжително социјално осигурување, односно не пресметал и уплатил придонеси од плата.

Овластувања на институцијата за јавни приходи во областа на работните односи се состојат во тоа што таа е должна да го извести надлежниот инспектор на трудот за работодавачите кои не извршиле пресметка и исплата на плати, односно најниска плата за претходниот месец. Прекршочна одговорност во врска со сивата економија е пропишана за следните прекршоци:

  • работодавачот не склучил договор за вработување; не го пријавил работникот во задолжително пензиско и инвалидско, здравствено и осигурување во случај на невработеност пред стапувањето на работникот на работа и на работникот не му е даден примерок од заверената пријава за задолжително социјално осигурување.
  • на работникот не му обезбеди плаќање за вршење на работите како што е пропишано со Законот;
  • ораганизирање работа на деца, ученици и студенти спротивно на законските одредби;
  • работникот работи без договор за работа.

3. Со Законот за авторското право и сродните права се уредува правото на авторите на нивните дела од областа на книжевноста, науката и уметноста (авторско право), и правата на изведувачите на фонограмските, филмските и сценските продуценти на радио и телевизиските организации, на издавачите и другите лица утврдени со тој закон, како и на изготвувачите на бази на податоци ( сродни права), над нивните изведби и предмети на сродните права, како и остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права.

Според тој закон, користењето на авторското дело, односно користењето сродно право на авторското е дозволено само кога авторот, односно носителот на сродното право го пренел таквото материјално право, согласно со законот и согласно со условите што ги определил, доколку со закон поинаку не е определен.

Инспекциски надзор за остварување на одредбите на тој Закон, за репродукција и дистрибуција на компјутерски програми, како и на музички и аудиовизуелни дела и компјутерските програми снимени на носачи на тон и на тон и слика, врши орган на државната управа надлежен за надзор во областа на прометот со стоки и услуги, согласно со тој и друг закон. Инспекциски надзор за остварување на одредбите на тој закон можат да вршат и други надлежни државни органи, согласно со тој и друг закон. Кога инспекторот при вршењето на надзорот основано се посомнева дека е сторено кривично дело или прекршок, како привремена мерка ги одзема примероците на авторските дела или примероците на предметите на сродните права или средствата што биле користени или наменети за извршување на кривичното дело, односно прекршокот или биле создадени со кривичното дело, односно со прекршокот, за што е должен да издаде потврда со точен опис и количина на одземените предмети.

За заштита на овие права, меѓу другото, предвидени се прекршочни санкции против лице кое :

  • без пренесување на соодветно материјално право од авторот, во случај кога таквиот пренос е потребен според законот, издава , репродуцира, дистрибуира вклучувајќи го и изнајмувањето, јавно изложува, јавно соопштува, преработува или аудиовизуелно приспособува дело, односно примероци на делото или на друг начин неовластено користи авторско дело;
  • без пренесување на соодветно материјално право од авторот или носителот на сродно право користи, преработува, репродуцира или на друг начин искористува такво право, што е попотробно опишано кај секој вид прекршок предвиден со одредбите на тој закон.

4. Со Законот за царинските мерки за заштита на правото од интелектуална сопственост е регулирана постапката за преземање дејствија од царинските органи кога постојат оправдани причини за сомневање дека со стоката која се внесува или изнесува од царинското подрачје на РМ или транзитира, се повредува правото од интелектуална сопственост (право од индустриска сопственост и авторско право и друго право пропишано со закон), и се определуваат мерките за заштита на правата од интелектуална сопственост кои ги преземаат царинските органи. Со законот подробно се опишува дека ,,стока со која се повредува право од интелектуална сопственост” е : 1) ,,фалсификувана стока” со подробно објаснување, 2) ,,пиратска стока” со подробно објаснување и 3) стока со која се повредува правото на патент , индустриски дизајн, ознака на потекло или географска ознака согласно со закон.

За повреда на одредбите на овој закон пропишани се соодветни прекршоци, како и овластување на царинскиот орган, кога се исполнети пропишаните претпоставки со Законот, запленетата стока да ја уништи.

5. Со Царинскиот закон се уредени правата и обврските на лицата и царинските органи во врска со стоката во патничкиот и стоковниот промет меѓу царинското подрачје на Република Македонија и странските царински подрачја.

Според Законот, стоката која пристигнува до царинскиот орган на граничниот премин или на друго место коешто царинскиот орган го определил или одобрил, се става на увид на царинскиот орган, и се поднесува збирна декларација, или царинска декларација на образец кој е пропишан од страна на Владата на РМ.

Со Законот е пропишано дека неизвршувањето на дејствија утврдени со одредбите на царинските прописи или вршењето на дејствија спротивни на одредбите на царинските прописи, како повреди на царинските прописи, претставуваат кривични дела или царински прекршоци . Исто така е пропишано дека стоката која е предмет на прекршок, во случаите пропишани со закон се одзема, а исто така, под одредени услови се одзема и транспортното средство со кој е сторен прекршокот.

Посебно, меѓу другото, се пропишани прекршоци за случај кога царинската декларација не ја опфаќа сета стока која би требало да се стави во царинска постапка или за невистинито прикажување на работите или со доведување во заблуда на царинскиот орган на друг начин, се постигнат или се обиде да се постигнат автономни мерки за намалување или укинување на увозни давачки или повластен тарифен третман или неподложување на наплата на увозни давачки или ослободување од плаќање на увозни и други давачки или нивно плаќање во помал износ или враќање или простување на увозни давачки или целосно или делумно ослободување од плаќање на давачки или кое било друго олеснување, како и изготвување или овозможување да се изготви лажен доказ за потеклото на стоката.

6. Со Законот за трговските друштва се уредуваат начинот на основање на трговските друштва и дејноста на трговец-поединец, кои дејности се сметаат за трговска дејност, услови под кои странско лице може да основа трговско друштво или да биде содружник или акционер во трговско друштво и други прашања кои се однесуваат на работењето, одговорноста и престанокот на трговските друштва. За повреда на одредбите на Законот, пропишани се прекршоци особено ако :

  • трговецот (трговското друштво или трговец-поединец) започне со вршење на дејност пред запишувањето во трговскиот регистар и пред добивањето одобрение од надлежен орган за исполнување на пропишаните услови за вршење на таа дејност ако е тоа определено со закон;
  • презема правни работи и дејствија надвор од предметот на работење, запишан во трговскиот регистар;
  • престанувањето на работењето не го пријави на органот надлежен за јавни приходи и не поднесе пријава за бришење на уписот во трговскиот регистар;
  • странско трговско друштво врши дејност на подрачјето на Република Македонија без основање подружница.

7. Со Законот за регистрирање на готовински плаќања се уредува воведување и користење на фискален систем за регистрирање на готовински плаќања, со тоа што е пропишано дека даночните обврзници кои вршат промет на добра и промет на услуги за кој плаќањето не се извршува по банкарски пат (готовински плаќања), должни се да воведат и користат одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања и задолжително да издаваат сметка за извршениот промет, односно услугата (фискална сметка).

Инспекциски надзор на спроведувањето и примената на овој Закон врши управата за јавни приходи преку даночните инспектори, кои се овластени да ги преземаат мерките и наложуваат преземање дејствија пропишани со законот За повреда на одредбите на овој закон предвидени се прекршочни санкции а и можност да се изрече мерка забрана на дејност, професија или должност.

8. Со Законот за спречување на перење на пари и други приноси од казниво дело се утврдуваат мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење на пари и други приноси од казниво дело, како и организирањето и контролата на нивната примена.

,,Перење пари и други приноси од казниво дело” се сметаат дејствијата од член 273 од Кривичниот законик, извршени од физички или правни лица т.е. пуштање во промет, примање , преземање, замена или раситнување пари од поголема вредност што се прибавени со казниво дело или за кои лицето знае дека се прибавени со казниво дело, или со конверзија или пренос на друг начин прикривање дека потекнуваат од таков извор или прикривање на нивната локација, движење или сопственост. Вакво дело чини и тој што ќе продаде, подари или пушти во друг промет имот или предмети од поголема вредност прибавени со казниво дело, или ќе купи, ќе прими во залог, или на друг начин ќе прибави, прикрие или протури имот или предмети за кои знае дека се прибавени со извршување на казниво дело или со фалсификување на исправи, непријавување на факти или на друг начин ќе прикрие дека потекнуваат од таков извор, или ќе ја прикрие нивната локација, движење и сопственост. Во истиот член од КЗ предвидени се и други дејствија со кои се врши ова кривично дело.

За прибирање, обработување, анализа, чување и доставување на податоците добиени од субјектите кои се обврзани за преземање мерки и дејствија за откривање и спречување на перење на пари, се основа Дирекција за спречување на перење пари.

Како мерки и дејствија за откривање и спречување на перење на пари, Законот содржи подробни одредби за: идентификација на клиентот, идентификација на ополномоштувачот и полномошникот, идентификација кога клиентот не е физички присутен, одбивање да се изврши или задржување на трансакцијата, забрана за вршење готовински плаќања во износ од 15.000 ЕВРА или повеќе во денарска противредност, посебно следење на одредени трансакции, должности на царинската управа, на лицата кои вршат менувачки работи и на давателите на услугите за брз трансфер на пари како и на приредувачите на игри на среќа во играчница (казино) и на други лица кои вршат јавни услуги.

За повреди на одредбите од овој Закон, пропишани се повеќе видови прекршоци, меѓу кои, посебно во врска со исплатата или примање готови пари во износ од 15.000 ЕВРА или повеќе во денарска противредност, или непријавување на таква трансакција.

9. Со Законот за платниот промет се уредува платниот промет во земјата, односите меѓу носителите на платниот промет и учесниците во платниот промет, односите меѓу носителите на платниот промет и Народната банка на РМ во делот за платниот промет, платните системи, порамнувањето на плаќањата, издавањето на електронски пари и надзорот на платните системи.

Со Законот е пропишано дека платниот промет се извршува единствено преку транакциски сметки кои се пријавени во еднинствениот регистар на трансакциски сметки и дека не е дозволено плаќање меѓу учесниците на платниот промет кое не се извршува преку трансакциски сметки. Исто така е пропишано дека носителот на платниот промет ќе дозволи исплата на платата на учесникот во платниот промет само ако за истото се платени данокот и придонесите.

За одбележување се и одредбите од Законот дека учесникот во платниот промет може за плаќање во готово да подига од сметките и да држи во својата благајна пари во готово во висина на благајничкиот максимум која учесникот во платниот промет ја утврдува со посебен акт. Пропишано е и тоа дека учесникот во платниот промет – правно лице е должен сите парични средства од дневниот пазар примени во готово по која и да било основа, да ги уплати најдоцна наредниот работен ден на својата трансакциска сметка. Плаќањето на производи и услуги во готово од страна на правни лица не може поединечно да биде повеќе од 6.000 денари.

Учесникот во платниот промет не може да врши плаќање со пресметка ( со компензација, асигнација, цесија, преземање на долг и други облици на меѓусебно намирување на обврски и побарувања) доколку има блокирана трансакциска сметка.

За повреда на одредбите од овој Закон предвидени се прекршоци и забрани за вршење на дејност за одредено време.

10. Со Законот за персоналниот закон на доход се уредува персоналниот данок на доход и начинот на оданочувањето на доходот на граѓаните. Овој данок се плаќа годишно на збирот на нето приходите од сите извори, освен на приходите што се иземени од оданочување. Доходот што подлежи на оданочување го сочинуваат следниве видови приходи остварени во земјата и во странство: 1. лични примања; 2. приходи од земјоделска дејност; 3. приходи од самостојна дејност; 4. приходи од имот и имотни права; 5. приходи од авторски права и права од индустриска сопственост; 6. приходи од капитал; 7. капитални добивки; 8. добивки од игри на среќа и други наградни игри и 9. други приходи.

Обврзникот на данокот од доход е должен, до органот за јавни приходи, да поднесе даночна пријава за доходот што го остварил најдоцна до 15 март наредната година.

За повреда на одредбите од овој Закон, пропишани се прекршоци како и заштитан мерка за одземање на дозвола за вршење на дејност за одредено временско траење.

11. Со Законот за данок на добивка регулирано е плаќањето на данок на добивка и прекршоци со повредата на одредбите од тој Закон.

12. Со Законот за државниот пазарен инспекторат регулирани се надлежностите на државниот пазарен инспекторат, начинот на вршењето на дејностите и мерките што е овластен да ги преземе пазарниот инспектор во случај на повреда на законоте за чие извршување врши надзор.

13. Со Законот за финансиската полиција и со Законот за полицијата, се уредуваат организацијата, надлежноста, раководењето, начинот на вршење на работата, овластувањата и одговорностите на Финансиската полиција, односно на полицијата за откривање и спречување на некои повреди на напреднведените закони.

14. Со Законот за прекршоците се определуваат општите услови за пропишување на прекршоците и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, за изрекувањето и извршувањето на прекршочноте санкции и се пропишува прекршочната постапка што ја водат судовите, односно врз основа на тој и друг закон органите на државната управа или организациите и другите органи што вршат јавни овластувања надлежни за изрекување на прекршочни санкции.

Новина во тој Закон, заради растоварување на судовите и заради забрзување на постапката по прекршоците е тоа дека е пропишано, за одделни прекршоци определени со закон, прекршочна постапка може да води и прекршочна санкција да може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овкластувања на надзор над спроведување на законите со кои се пропишани прекршоците. Против конечната одлука за прекршок донесена од ваков орган, се гарантира судска заштита, пред судот надлежен за одлучување по управен спор, т.е. пред Управниот суд кој отпочна со работа во почетокот на 2008 година.

15. Со Законот за судовите се определува дека судската власт ја вршат судовите во Република Македонија кои се самостојни и независни државни органи, а своите одлуки ги засноваат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Работата во судовите по правило се врши во специјализирани судски оддели. Во судскиот систем судската власт ја вршат основните судови, апелационите судови , Управниот суд и Врховниот суд на Република Македонија При одлучувањето за граѓанските права и обврски и при одлучувањето за кривичната одговорност, секој има право на правично јавно судење во разумен рок пред независен и непристрасен суд основан со закон. Странката која смета дека надлежниот суд го повредил правото на судење во разумен рок, има право да поднесе барање за заштита на правото на судење во разумен рок до непосредно повисокиот суд, кој постапува по барањето во рок од шест месеци од неговото поднесување и одлучува дали понискиот суд го повредил правото на судење во разумен рок. Ако повисокиот суд утврди повреда на правото на судење во разумен рок со решението ќе досуди праведен надоместок за подносителот на барањето. Правичниот надоместок паѓа на товар на Судскиот буџет.


Останато од авторот: