/ Прочитано:

1.828

КРЕАТИВНА УПОТРЕБА НА НОВИТЕ ТЕХНОЛОГИИ: Професор по право предава преку Јутјуб

Професорот има свој јутјуб-канал каде што прикажува свои видеа поврзани со предметите што ги предава. Тој споделува видеа поврзани со корпорациите, финансиите, правните процедури на спојување компании, лекции за даноци, корупција итн. Позитивната страна на овој негов канал е дека студентите не мора постојано да доаѓаат на класични предавања на Факултетот, туку можат да ги следат лекциите и од дома преку својот компјутер.

Професор Никол Блек

Во колумна за веб-страницата abovethelaw.com, Никол Блек, адвокат од Њујорк, дава свое мислење и лични впечатоци од користењето на технологијата од страна на професорот по право на Факултетот во Чикаго, Вилијам Бирдтисл.

Професорот се вработил во 2006 година и таму предава Деловно право и предмети поврзани со корпоративните финансии, инвестициските фондови и меѓународните бизнис-трансакции.

Како дел од своите методи на работа, тој често ја користи веб-страницата Јутјуб (YouTube), каде што се споделуваат видеа од разни области, за да им го разјасни сфаќањето на своите студенти за предметите што ги изучуваат.

Според професорот Бирдтисл, користењето на видеата од Јутјуб им помага на студентите да ги зголемат своите знаења и полесно да го совладаат материјалот. Поентата на гледањето видеа е дека со тоа студентите се повнимателни, предавањата им стануваат поинтересни и на тој начин се задржува нивното внимание. Згора на тоа, преку гледањето видеа тие на илустриран начин можат да го сфатат концептот на материјалот за учење.

Професорот го користи Јутјуб на часовите и надвор од нив. Додека предава, тој користи делови од филмови и делови од ТВ-серии кои ја обработуваат темата на предавањето. Така, на пример кога студентите имаат час по бизнис-организација, кога дискутираат за корпоративното право, тој користи инсерти од филмови чиј дијалог се одвива во таа насока. Преку овие клипови и видеа тој заклучил дека студентите ја зголемиле својата креативност и развивале повеќе меѓусебни дискусии и дебати.

Исто така, тој има и свој јутјуб-канал каде што прикажува свои видеа поврзани со предметите што ги предава. Тој споделува видеа поврзани со корпорациите, финансиите, правните процедури на спојување компании, лекции за даноци, корупција итн. Позитивната страна на овој негов канал е дека студентите не мора постојано да доаѓаат на класични предавања на Факултетот, туку можат да ги следат лекциите и од дома преку својот компјутер.

Професорот е задоволен од овој негов метод на работа со студентите и среќен е што успеал да ги натера студентите да размислуваат надвор од постојниот и класичен шаблон. Методот на предавање наишол на многу позитивни реакции во јавноста.

Неговиот совет до другите колеги и професори е да се обидат да им ги прошират видиците на своите студенти зашто тоа ќе се исплати на долг рок. Новитетите ќе им бидат од полза и ќе ги натераат да уживаат во текот на своите студии.