Кривичарите ќе расправаат за практичната примена и правните дилеми поврзани со конфискацијата на имот и имотна корист
Здружението за кривично право и криминологија на Македонија (ЗКПКМ), во соработка со Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ и Амбасадата на САД во Република Македонија, на 5.10.2017 година (четврток), со почеток од 10:30 часот во хотел „Арка“, Скопје ќе организираат научна и стручна расправа на тема „Практична примена и правните дилеми поврзани со конфискацијата на имот и имотна корист“.
Предметот на научната расправа е насочен кон неколку точки кои се издвојуваат според сериозноста и комплексноста, а меѓу нив се:
- Казнено-правните аспекти на конфискацијата на имот и имотна корист
- Конфискација на имот и имотна корист без казнена одговорност
- Конфискација на имот и имотна корист од правни лица
- Искуства на СЈО во однос на конфискацијата на имот и имотна корист
- Финансиските истраги.
На научната расправа, велат од Здружението за кривично право и криминологија на Македонија, свое учество ќе земат меѓународни и домашни практичари и експерти, кои имаат за цел да идентификуваат примери на добри практики, како и да ги дискутираат другите судски примери од предметот на дискусијата. Откако ќе бидат донесени препораките и заклучоците од расправата, надлежните организации ќе подготват извештај во кој ќе бидат содржани резултатите од неа.
М.В