/ Прочитано:

3.353

Kривичарите нагласуваат бројни проблеми во врска со доказите и докажувањето во кривичната постапка

Oд усвојувањето на ЗКП и неговото влегување во сила во декември 2013 година, изминат е доволен период за изведување на заклучоци по некои клучни прашања поврзани со утврдувањето на вистината, ефикасноста на постапката, заштитата на човековите права и слободи, процесните овластувања на странките, процедуралната правичност и сл.

Низ системот на казнената правда се рефлектираат последиците од начелата за владеење на правото

„Во овој миг на општествена и институционална криза, примената на начелото на владеење на правото во нашиот систем има решавачко значење во отворањето на перспективи за излез од кризата. Притоа, еднодушно е мислењето дека системот на казнена правда, пред сè, материјалното и процесното казнено право, чија основна функција е заштита на човековите права, е клучниот аспект на начелото на владеење на правото, бидејќи низ системот на казнена правда се преломуваат сите овие начела на подведување на волјата и словото на законот на сите субјекти во државата. Низ системот на казнената правда се рефлектираат последиците од начелата за владеење на правото, правна сигурност, правда, правичност и законитост. Нивното почитување има многукратно влијание како врз функционирањето на институциите, така и врз положбата на граѓаните“, истакнуваат универзитетските професори, судии, адвокати и обвинители кои зедоа свое учество на научната и стручна расправа посветена на отворените прашања во врска со доказите и докажувањето во кривичната постапка.

 Утврдување на вистината и процедурална правичност

Според заклучоците од оваа расправа на кои упатува Здружението за кривично право и криминологија на Македонија (ЗКПКМ) од усвојувањето на ЗКП и  неговото влегување во сила во декември 2013 година, изминат е доволен период за изведување на заклучоци по некои клучни прашања поврзани со утврдувањето на вистината, ефикасноста на постапката, заштитата на човековите права и слободи, процесните овластувања на странките, процедуралната правичност и сл.

Вредносната точка од која треба да се преиспитува системот на кривична правда, наместо од анализа на законските решенија, треба да појде од начинот на имплементација на пропишаното, воедначената или различната практика, толкувањето и импликациите што произлегуваат од примената на некои одредби од ЗКП.

„Клучно прашање поврзано со утврдувањето на вистината и процедуралната правичност е концептот врз кој почива доказната постапка, начинот како е таа организирана за да ја оствари функцијата, односно целта на кривичната постапка – никој невин да не биде обвинет, а на сторителот да му се изрече кривична санкција под условите пропишани со КЗ. Уште во фазата на донесување на Законот за кривична постапка во однос на прашањето за доказите и докажувањето, постоеја одредени недоумици кои влијаеја врз стојалиштата во однос на организирањето на постапката: што е предмет на предистражната постапка, што е предмет на истражната постапка и што е предмет на главната расправа“, се посочува во заклучоците од научната расправа.

 Претходна постапка и начин на преземање на дејствијата во текот на истражната постапка

Следно прашање што заслужува внимание, истакнува стручната кривична јавност, е поврзано со претходната постапка и во тие рамки, и со начинот на преземање на дејствијата во текот на истражната постапка.

Главниот фокус на реформата на системот на казнено процесно право беше насочен кон јакнење на улогата на јавното обвинителство во истражната постапка. Обвинителството може да ја преземе улогата ако е добро организирано и ако се гарантира оптималното ниво на професионалност, ослободеност од какви било притисоци и непристрасност во остварување на широките законски овластувања.

Одбраната останува без елементарна информација за предметот на истрагата

Во истражната постапка проблеми создава тоа што јавниот обвинител донесува наредба и ја доставува до органите со истражни овластувања, а одбраната останува без елементарна информација за предметот на истрагата.

„Истрагата не е контрадикторна, но треба да се преиспита решението таа да остане без сознанија за дејствијата што ги презема обвинителството во подолг временски период додека трае истражната постапка. Точно е дека постојат истражни дејствија на одбраната, но прашањето е колку обвинети може да ги ползуваат привилегиите од овие одредби, колку овие одредби нудат ефективна одбрана ако се земе предвид фактот што се тие ограничени на 15 дена. Останува нејасно, пак, како одбраната ќе ги ползува можностите да презема дејствија и претходно, ако нема елементарни информации за кое дело е поведена истражната постапка“, се истакнува во заклучоците од стручната расправа посветена на отворените прашања во врска со доказите и докажувањето во кривичната постапка.

Судијата е пасивизиран во главната расправа

„Внимание заслужува концептот на главната расправа кој води кон пасивизирање на судијата, а кон нагласена активност на странките во прибирање, предлагање и изведување на доказите. Прифатлив е аргументот дека пасивизирањето на улогата на судијата кореспондира со јакнење на улогата на странките, правото на одбрана, еднаквоста на оружјата, процедуралните гаранции и сл. Но, останаа одредени забелешки и по донесувањето на ЗКП, а нивната оправданост беше потврдена со примери од судската практика, дека отсуствува доказна доктрина, нема доволно доказни правила за начинот на изведување на различните видови докази“, заклучува стручната јавност.

Загрижуваат примерите од практиката во врска со давањето на признание за вината

Давањето признание за вината и спогодувањето за кривичната санкција треба да бидат предмет на посебна анализа. Спогодувањето во голема мера е застапено во текот на истражната постапка.

„Загрижуваат примерите од практиката дека речиси сите предлог-спогодби од обвинителството се прифатени од страна на судот, со чест на исклучоците. Се зацврстува впечатокот дека судијата не секогаш врши темелна проверка и оцена на доставените докази во однос на вината, што е суштинско прашање. Дали во еден конкретен случај постојат доволно докази, како што тоа го бара ЗКП, е фактичко прашање на кое одговор мора да даде судијата по оцена на доставените докази. Судијата мора да биде убеден дека постои неоспорност на фактичката состојба пред да пристапи кон оцена на предлог-спогодбата“, се истакнува во заклучоците.

Обвинетиот дава признание, а нема бранител во постапката

За кривичарите посебна загриженост предизвикува можноста да се донесе пресуда врз основа на признание дадено на главна расправа, при што не се изведуваат доказите поврзани со вината, туку само оние поврзани со кривичната санкција. Особен научен и стручен интерес предизвикуваат случаите кога обвинетиот дава признание, а нема бранител во постапката.

Улогата на судијата во однос на оцената на доказите

Улогата на судијата во однос на оцената на доказите треба да се движи во рамките на овластувањето да одбие некој предложен доказ ако оцени дека тој е незаконит предлог (предлогот се однесува на начин на прибирање докази забранет со закон, на доказ чијашто употреба со закон не е дозволена или на факт којшто според закон не може да се докаже); ако предложениот доказ е нејасен, нецелосен или очигледно е насочен кон значително одолжување на постапката; или ако станува збор за неважен предлог (фактите што според предлогот би требало да се утврдат не се релевантни за одлучување, односно не постои поврзаност меѓу фактите што треба да се утврдат и решавачките факти).

Заштита на загрозениот сведок

Предмет на посебна анализа, заклучува стручната кривична јавност, треба да биде примената на одредбите во однос на заштита на загрозениот сведок, не толку во однос на законската рамка, колку во однос на практичните импликации што произлегуваат од нивната примена во конкретни случаи, исклучувањето на јавноста во делот кога заштитениот сведок го дава исказот и сл.

Масовно користење на посебните истражни мерки

Борбата со организираниот криминалитет предизвика масовно користење на посебните истражни мерки што води кон констатација дека тие наместо исклучок се претворија во правило. На овој начин, на мала врата се внесува легалната теорија во начинот на докажувањето, со оглед на доказната вредност на ПИМ- мерките.

Дигитални докази

И прашањето за дигиталните докази заслужува внимание со оглед на нивната сѐ поголема застапеност во доказната постапка. Недоволни се правилата за начинот на нивно изведување и оцена на веродостојноста, особено поради фактот што единствената одредба во ЗКП што се однесува на дигиталните докази е поместена во делот на доказните средства, а упатува на привремено одземање на компјутерски податоци и на привремено одземање на писма, телеграми и други пратки“, посочуваат кривичарите.

Врховниот суд мора да се ангажира со општи ставови

 Тие додаваат дека треба и понатаму да продолжи дискусијата околу дополнувањата на ЗКП, да се актуализираат измените и да се разработат отворените прашања на оваа стручна расправа.

„Врховниот суд на Република Македонија мора да се ангажира со општи ставови за сите оние прашања каде што е забележана  различна примена, формулирани како доктринарни правила. Треба да се формира поширока експертска комисија во рамките на ВСРМ, составена од претставници на академската средина, Министерството за правда и Министерството за финансии што ќе ја следи имплементацијата на ЗКП.  Крајно, потребно е да се продолжи со понатамошна засилена едукација на судиите и јавните обвинители, особено за прашањата за доказите и докажувањето во кривичната постапка“, заклучуваат универзитетските професори, судии, адвокати и обвинители според кои е потребно почесто организирање на вакви научно-стручни расправи кои ќе актуализираат прашања што бараат продлабочена научно-стручна анализа и елаборација бидејќи предизвикуваат проблеми, недоумици и дилеми како во однос на легислативното регулирање и толкувањето, така и во однос на нивната воедначена имплементација во судската практика.

Потребата од организирање на стручна расправа во организација на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија (ЗКПКМ), во соработка со Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ и Амбасадата на САД во Република Македонија, произлезе како резултат на укажувањата во извештаите на Европската комисија и Извештајот на Рајнхард Прибе, а кои се однесуваат на проблемите во ефикасното функционирање на судството и институциите воопшто.

Како излез од оваа состојба се формулирани определени итни реформски приоритети, кои се насочени кон подигнување на ефикасноста на судството, заедно со јакнење на независноста како клучни елементи на системот на начелото на владеење на правото.

ПОТРАГАТА ПО ВИСТИНАТА ТРЕБА ДА БИДЕ МИСИЈА НА СЕКОЈ ПРАВНИК: Без вистината, не може да постои ни правдата

M.В