/Прочитано:

677

Kривичaрите за Хашкиот трибунал: Се покажа дека Трибуналот на ОН не го заобиколува политиката!

Последните одлуки на Хашкиот трибунал ги разбрануваа емоциите на Балканот. Ослободителните пресуди за хрватските генерали и за  поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај, обвинет за воени злосторства врз косовските Срби, поставија дилеми во целокупната јавност за легимитетот на Трибуналот. Во меѓувреме, Јохан Тарчуловски е единствениот државјанин на Република Македонија осуден за повреда на нормите на меѓународното хуманитарно право, во текот на конфликтот од 2001 година, на казна затвор од 12 години. Според македонската експертската јавност овие три случаи не можат да се споредуваат, но она што може да се заклучи е дека Трибуналот не е имун на политиката. 

Црн ден за меѓународната правда – вака српската стручна јавност го нарече денот кога жалбениот совет на Хашкиот трибунал им ја изрече ослободителната пресуда на  хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач, кои првично беа осудени на 24 и 18 години затвор за воени злосторства извршени за време и по акцијата „Бура“ во 1995 година. И додека Србите сметаат дека Трибуналот е создаден за нив, Хрватите оваа одлука ја доживеа како победа, сметаат дека преку пресудата се докажало дека нивната борба против Србите била без ниту еден грев.

– „Мислам дека во ова ни најоптимистичните Хрвати не веруваа. Ни на сон не верував дека ова ќе се случи“, изјави Директорот на документациониот центар  „Веритас“, Саво Штрбац по пресудата.

>> ХАГ: Ослободителна пресуда за хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач >> Српската јавност запрепастена од ослободителна пресуда за Готовина и Маркач: Црн ден за меѓународната правда

По оваа одлука, во Србија никој не веруваше во осудителна пресуда за поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај и уште двајца припадници на поранешната Ослободителна војска на Косово обвинети за воени злосторства врз српското население на Косово, за време на конфликтот во 1998 година. Особено откако се обелоденија заплашувањата кон сведоците што требаше да сведочат против Харадинај, а хашките обвинители Серж Брамец и Карла Дел Понте повеќепати се пожалија до Советот за безбедност на ОН.Проблемот со сведоците се провлекува и во двете судски постапки против Харадинај.

„Сведоците исчезнуваа, некои беа заплашувани, а некој на тоа сигурно влијаел“, вели во интервју за РТС, Карла дел Понте

Според наводите на српските медиуми досега се убиени над 20 сведоци и членови на нивното семејство, но Трибуналот ова го демантираше, тврдејќи дека овие информации се апсолутно неточни. Главниот сведок на обвинителството на повтореното судење објаснил дека подобро ќе ја прифати казната на Трибуналот поради не појавување на рочиште отколку да раскаже што се случило во логорот во Јабланица. Појаснил дека не сака да го доведе во опасност своето семејство. Обвинителството и во двете судски постапки има проблем со своите сведоци да ги натера да проговорат во судница.

>> (ВИДЕО) ПРЕСУДА: По вторпат, Хашкиот трибунал го ослободи Рамуш Харадинај >> Проговорија српските правници за пресудата на Харадинај: Обвинителството имаше тенки докази

Очекувањата на Србија се исполнети, Харадинај и другите двајца обвинети беа ослободени од сите обвиненија, поради недостаток на докази.

Проф. др. Сламков: Ослободителната пресуда за Харадинај, очекувана

Проф. др. Тупанчевски: Општ впечаток е дека се помалку му се верува на Трибуналот

Според универзитетскиот професор Ѓорги Сламков, пресудата за поранешниот косовски премиер е очекувана, земајќи ја предвид ситуацијата со сведоците и отсуството на докази.

– „И самите знаете дека имаше податок од страна српското обвинителство дека голем број на сведоци исчезнаа. Ако судот нема доволно докази, врз основа на што да ги осуди? Нема сведоци!“, вели за Академик, професорот по кривично право, др. Ѓорги Сламков.

Осврнувајќи се на случајот со хрватските генерали, македонските експерти по кривично право согласни дека оваа пресуда ја разниша целосно довербата во Трибуналот. Според проф. др.  Никола Тупанчевски, оваа одлука е многу нелогична и правно неиздржлива.

– „Кога станува збор за хрватските генерали многу е нелогично и правно неиздржливо, затоа што една донесена пресуда комплетно ја суспендира претходната. Тоа значи дека или едниот совет што ја донел пресудата или жалбениот не го применил меѓународното право. Тоа значи дека се создава правна несигурност, а тоа е атак врз Хашкиот трибунал, врз кредибилитетот и врз начинот на кој истиот ги донесува одлуките. Општ впечаток е дека се помалку му се верува на Трибуналот, неговата компететност, објективност и непристрасност во донесувањето на одлуките“, посочува проф. др. Тупанчевски.

Ставот на проф.др. Сламков,  не е ништо поразличен.

– „Тука е симптоматичен е еден момент, односно, како може првостепениот совет да донесе толку високи затворски казни, а потоа жалбениот совет да донесе практично различна пресуда. Се наметнува дилемата за стручноста на првостепениот совет“, вели тој.

Јохан Тарчуловски – единствениот Македонец осуден за повреда на нормите на меѓународното хуманитарно право

Епилогот од „правдата на Хаг“ ни е познат на сите, Јохан е единствениот државјанин на Република Македонија осуден за повреда на нормите на меѓународното хуманитарно право, во текот на војната од 2001 година, на казна затвор од 12 години, сите преостанати инволвирани во петте предмети при преземањето на крвавите дејства биле внимателни, т.е. „ги читале меѓународните конвенции и постапувале по нив“. Случајот го следев од почеток и не бев многу воодушевен од начинот на кој беше поставена одбраната на Јохан. По објавувањето на првостепената пресуда укажував дека не е сѐ изгубено, дека треба да се насочиме на жалбената постапка, дека треба во фокусот да го ставиме само Јохан, да се понудат докази со кои ќе ја собориме осуденичката пресуда.“, пишува во својата колумна проф.др Сламков, објавена  пред отприлика три месеци за  весникот Нова Македонија.

Во истата колумна, тој посочува дека е „пропуштена голема шанса во правната битка, но и дека сѐ уште има простор за измена на пресудата преку употреба на вонреден правен лек – ревизија, само што за негово користење е потребно двојно, ако не и тројно зголемување на напорите на адвокатскиот тим на Тарчуловски.“

Според проф. др Сламков, има шанса Тарчуловски условно да биде пуштен на слобода идната пролет.

 „Поаѓајќи од фактот дека Јохан ја издржува казната затвор во Германија, за почнување на целата постапка е релевантно германското кривично законодавство, со кое нашето е многу слично бидејќи во градењето на кривичната регулатива речиси секогаш поаѓаме од нивните решенија. Во согласност со членот 57 од германскиот кривичен законик, за да се пушти осуденик на условен отпуст (или предвремено пуштање на слобода), потребно е да има отслужено две третини од казната, како и да има позитивна прогноза за неговото однесување на слобода.  Познат е фактот дека Јохан е во притвор/затвор од март 2005 година, од каде што произлегува дека идната пролет ќе биде исполнет објективниот услов за поднесување барање за условно отпуштање, т.е. отслужени две третини од казната. Но суштината е во второто, т.е. кои аргументи ќе бидат содржани во барањето за двата суда да имаат позитивен одговор, особено меѓународниот суд“, наведува тој.

По сите овие збиднувања во Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, угледниот британски магазин „Економист“ оцени дека Балканот е мека за адвокати, Србите направија математика како се купува  хашка пресуда, а Македонците се запрашаа кој потфрли во нашиот случај.

Експертите посочуваат дека овие три случаи не можат да се споредуваат, но дека Трибуналот создаден од страна на Обединетите нации чија примарна цел е помирување, покажа дека не го заобиколува политиката.

– „Случајот на Јохан и оној на генералите секако дека не може да се спореди. Во „Бура“ имаме етничко чистење, станува збор за огромна штетна последица согласно меѓународното хуманитарно право. Се разбира дека не може да се стави знак на еднаквост. Исто така, не може да се каже дека македонската дипломатија потфрлила во овој случај, таа беше многу активна. Но преку случајот со Хрватска, може да се види дека Трибуналот не го заобиколува политика. После сѐ, се поставува прашањето, зошто понатаму да постои овој Трибунал?, заклучува проф. др. Сламков.


Автор: Елена Павловска Објавено: 29.11.2012