/ Прочитано:

1.298

КРИВИЧЕН СУД: Изречена забрана за предавање на четворица професори од Економскиот факултет осомничени во „Еразмус“

„Во текот на сослушувањето обвинителот за две лица го повлече прелогот за определување мерка за претпазливост, додека по ценење на причините поради кои е поднесен предлогот за преостанатите четири лица Б. Ш, Д. Ј., С. Р. и Љ. Ј., судијата на претходна постапка донесе одлука со која го прифати предлогот на Обвинителството“, велат од Судот.

????????????????????????????????????

Четворица професори од Економскиот факултет во Скопје, осомничени во предметот „Еразмус“ нема да можат да вршат работни активности во рамките на Факултетот. Со одлука на судија на претходна постапка, а по барање на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, на професорите им се определени мерки за претпазливост од членот 146 ст. 1 т. 7 – забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, а која мерка ќе трае додека постои потреба, а најдолго до правосилност на пресудата.

Како што информираат од Кривичниот суд, лицата во текот на вчерашниот ден биле на распит пред судија на претходна постапка во присуство на своите полномошници и обвинителот кој го води предметот.

„Во текот на сослушувањето обвинителот за две лица го повлече прелогот за определување мерка за претпазливост, додека по ценење на причините поради кои е поднесен  предлогот за преостанатите четири лица Б. Ш, Д. Ј., С. Р. и Љ. Ј., судијата на претходна постапка донесе одлука со која го прифати предлогот на Обвинителството“, велат од Судот.

На ова решение, странките имаат право на жалба до Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1.

Обвинителството ги предложи новите мерки за претпазливост поради тоа што осомничените продолжиле да ги извршуваат своите работни активности во рамките на Економскиот факултет и понатаму биле во секојдневен контакт со студенти, а со тоа и со оштетените и со жртвите во кривичната постапка што е во тек.

Истражната постапка за предметот „Еразмус“ започна во јуни кога беа осомничени шестемина професори, меѓу кои и поранешниот декан на Економскиот факултет Бобек Шуклев, еден асистент од Факултетот и сопственикот на бифето. Тогаш Судот на петмина осомничени им определи мерки за претпазливост – обврска повремено да се јавуваат на определено службено лице и кај надлежен државен орган и им беа одземени патните исправи за преминување на државната граница.​ Денеска од Обвинителството не сакаа да наведат за кои лица се побарани новите мерки.

Според информации од Обвинителството, групата од осум лица дејствувала организирано и била следена со посебни истражни мерки во текот на 2015 и 2016 година. Коруптивните дела за кои постоело сомневање дека се одвиваат на Економскиот факултет се сложени, се одвивале тајно поради што Обвинителството спровело посебни истражни мерки, но, како што тогаш потенцираше Лидија Раичевиќ, обвинителката која го води предметот, покрај ПИМ, постојат и голем број други докази.

Кривичната пријава се однесува на повеќе кривични дела: примање поткуп, примање награда за противзаконито влијание и давање поткуп.

М. С.