КРИВИЧЕН СУД: Одбиено барањето на СЈО за изземање на судијката од предметот „Тврдина“
„Во отсуство на претседателот на Судот, кој користи денови од годишниот одмор, заменик-претседателот кој е овластен да го заменува и да потпишува решенија во отсуство на претседателот, поради истекот на три дена од поднесувањето на барањето на СЈО, донесе решение со кое го одби барањето за изземање на судијата“, соопштуваат од Кривичниот суд.
Заменик-претседателот на Основниот суд Скопје 1 донел решение со кое се одбива барањето на Специјалното јавно обвинителство за изземање на судијата на претходна постапка, Александра Поп-Стефанија, од предметот „Тврдина“ во кој е опфатена и поранешната министерка Гордана Јанкулоска.
„Во отсуство на претседателот на Судот, кој користи денови од годишниот одмор, заменик-претседателот кој е овластен да го заменува и да потпишува решенија во отсуство на претседателот, поради истекот на три дена од поднесувањето на барањето на СЈО, донесе решение со кое го одби барањето за изземање на судијата“, соопштуваат од Кривичниот суд.
Судијата на претходна постапка минатата недела, пред да заврши со распитот на поранешната министерка за внатрешни работи, од страна на Специјалното јавно обвинителство прими барање за изземање.
Поради ваквото барање од страна на СЈО, судијата на претходна постапка го прекина распитот на Јанкулоска кој траеше околу три часа.
Јанкулоска беше повторно повикана на распит пред судија на претходна постапка откако Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 Скопје ги укина решенијата на судијата на претходна постапка, Александра Поп-Стефанија, која ги оцени како неосновани предлозите на СЈО за определување на мерка притвор за началникот на Петтата управа при МВР, Горан Грујевски, и мерките за претпазливост за останатите четворица осомничени и дополнително ја оспори надлежноста на Специјалното јавно обвинителство за предметот за уништувањето на опремата за прислушување.
Поп-Стефанија постапуваше по предлогот на СЈО за определување на мерка притвор за Грујевски. Таа го одби барањето на СЈО и определи мерка на претпазливост, односно одземање на патна исправа.
М. С.