/ Прочитано:

1.513

КРИВИЧЕН СУД: Судијата на претходна постапка не го прифатил предлогот на СЈО за одземање на пасошот на Јанкулоска

„При одлучувањето судијата на претходна постапка го имаше предвид и однесувањето на осомничената во текот на постапката, фактот дека соработува со судот и уредно се јавува на поканите кое нешто не упатува на заклучок дека кај осомничената постои опасност од бегство“, се наведува во решението.

Гордана Јанкулоска во Суд за Тврдина

Судијката Александра Поп-Стефанија смета дека не постои основа за определување мерки на претпазливост за поранешната министерка Гордана Јанкулоска, предложени од СЈО, од причина што не постоеле околности што упатуваат на реална опасност од бегство на осомничената, имајќи ги предвид нејзините лични и семејни односи, со оглед на тоа што има цврсти семејни односи во Република Македонија – нејзиниот сопруг и родителите се со постојано место на живеење во Република Македонија, потоа дека таа е имотна, вработена и со постојано место на живеење во Скопје на точно позната адреса.

Ова е наведено во решението на судијката на претходна постапка врз основа на предлогот на СЈО за одземање на пасошот на Јанкулоска.

„При одлучувањето судијата на претходна постапка го имаше предвид и однесувањето на осомничената во текот на постапката, фактот дека соработува со судот и уредно се јавува на поканите кое нешто не упатува на заклучок дека кај осомничената постои опасност од бегство. Во конкретниот случај не постои ниту едно конкретно дејствие кое упатува на постоење на опасност од бегство на осомничената, особено имајќи предвид дека конкретниот предмет е поодамна јавно презентиран и претходно се водела постапка против осомничената подолг временски период, истата била запознаена за кои кривични дела и инкриминирани дејствија се сомничи, па доколку имала намера да бега, тоа досега би го сторила. Судијата при одлучувањето ги имаше предвид наводите на Јавното обвинителство дека опасноста од бегство била оправдана со оглед на висината на запретената казна за кривичното дело кое ѝ се става на товар, во корелација со фактот што против неа се води и друга постапка и евентуалната штета која треба да се надомести, а која дополнително ќе се утврдува во текот на постапката, но овие околности во отсуство на други реални показатели кои укажуваат на опасност од бегство на осомничената, сами по себе не се доволни да ја оправдаат причината за бегство и со тоа попречувањето на натамошното водење на постапката“, се наведува во решението.

Јанкулоска, според решението што е јавно објавеното, пред судијата на претходна постапка истакнала дека предлогот е неоснован бидејќи таа не го сторила кривичното дело кое ѝ се става на товар и дека предметот е отворен пред три месеци, па доколку сакала да ја напушти земјата, досега ќе го сторела тоа.

Обвинителството, пак, доставило докази за постапката за уништување на опремата за прислушување за која, покрај Јанкулоска, осомничени се и Горан Грујевски, сега веќе поранешен началник на Петта управа, и уште три лица.

„Јавниот обвинител остана во целост кон предлогот за определување на мерките на претпазливост, додавајќи дека освен висината на запретената казна како основ за опасност од бегство стоела и евентуалната штета која би требало да ја надомести, а која ќе се утврдела во текот на постапката со вештачење бидејќи вредноста на само еден систем за следење комуникации бил околу 7-8 милиони евра“, се наведува во решението на Поп-Стефанија.

Што се однесува до другите лица опфатени со овој предмет, за кои се предложени мерки за претпазливост, а кои претходно не беа сослушани, до нив се испратени покани дополнително да се јават кај судијата на претходна постапка за да се произнесат за предложените мерки.

М. С.