Кривична пријава против словенечкиот премиер Јанез Јанша
Петок, 18 јануари 2013 – По неодамнешниот извештај на Антикорупциската комисија во Словенија дека премиерот Јанез Јанша не пријавил имот во вредност од 200.000 евра, група активисти поднесоа кривична пријава против него. Групата која делува под името „Група 29 Октомври“ бара Јанша да биде уапсен.
Борис Гривич, претставник на групата активисти, која го организираше првиот минатогодишен протест во Марибор против Владата изјави дека Јанша не платил данок на пријавениот имот. Според него, премиерот на Словенија се стекнал со овој имот благодарение на корупција, подмитување, незаконско работење и со злоупотреба на службената должност. Гривич додава дека групата активисти инсистира Јанша да биде уапсен поради ризикот дека ќе и пречи на доказната постапка и оти би можел да направи други кривични дела.
„Ако ова го споредиме со стандардите според кои беа апсени млади демонстранти за време на протестот во Марибор, не би требало да биде проблем апсење на Јанша“, вели Гривич.