/ Прочитано:

1.211

Кривична пријава за навреда против Медлин Олбрајт: „Бегајте од тука, одвратни Срби“

Среда, 14 ноември 2012 – Активисти на чешкото здружение „Пријатели на Србите на Косово“ поднеле кривична пријава против поранешната шефица на американскиот Стејт департмент, Медлин Олбрајт обвинувајки ја дека шири етничка омраза поради тоа што во кавгата за време на промоцијата на нејзината книга во Прага, гласно рекла „Бегајте оттука  одвратни Срби“. 

Кавгата меѓу чешкото здружение на „Пријателите на Србите на Косово“ и поранешната шефица на Стејт департментот се случила во октомври, во книжарата „Неолуксор“, во Прага кога Олбрајт ја промовирала својата книга „Прашка зима“. Активистите наместо да и ја подадат книгата за да им се потпише, тие пред нејзе ставале слики од српските жртви за време на бомбардирањето на НАТО врз Косово. Освен слики, ставале и плакати со обвинувања за злосторствата на Србите во Босна и Херцеговина, Хрватска, па и на Косово. На плакатите биле испишани и нејзините активности во приватизацијата на Косово. 

Во судирот со обезбедувањето на книжарницата, активистите извикувале дека Олбрајт е „Крвава баба“ и „Балкански касап“, ја обвинувале за воените злосторства, а таа им се спротивставила извикувајќи им да си одат, за на крајот да ги нарече „Одвратни Срби“. 

Меѓутоа режисерот на филмот „Одземено Косово“, Вацлав Дворжнак, поднел кривична пријава против Олбрајт за навреда на народностите на расна и етничка основа. 

„Какво било ширење на етничка омраза од устата на бившата политичарка која имаше висока функција и се ангажираше во учеството на НАТО во балканскиот спор, го оценуваме како израз на цинизам и не почитување на жртвите“, стои во соопштението на здружението „Пријатели на Србите на Косово“. 

Дворжнак објаснил дека со кривичната пријава против Олбрајт сака на светот да му покаже дека таа одамна е пристрасна за настаните на Косово и дека отсекогаш била против Србите како нација. Според него, таа е антисрпска пропаганда која полека исчезнува, но била силна за време на воениот конфликт на Косово. 

Олбрајт на инцидентот за време на делењето на автограми не му дала особено значење, но била изненадена од однесувањето на активистите. 

„Некои луѓе не ме сакаат. Не знам што бараа таму, ме обвинуваат за нешто што јас не сум го направила. Додека бев на функција секогаш имав обезбедување. Но, ова беше голема глупост, а убаво беше што 100 луѓе дојдоа за да им ја потпишам книгата“, по инцидентот ова го изјавила Олбрајт за чешко радио.