Кривични пријави против функционери на ВМРО-НП
Понеделник, 15 април 2013 – Велешката полиција поднесе кривична пријава против членот на Извршниот комитет на ВМРО-Народна партија, Слободан Близнаковски поради, како што информираат од полицијата, закани кон советничка во Велес. Пријава за закани заработи и претседателот на ОК на ВМРО-НП, Зоран А. Близнаковски кој беше приведен синоќа, денеска бил пуштен на слобода.
„СВР Велес до Основното Јавно обвинителство-Велес поднесе кривична пријава против лицата Б.С.(1965) од Скопје и А.З.(1962) од Велес, осомничени дека вчера и завчера извршиле по едно кривично дело „загрозување на сигурноста“ со тоа што упатиле сериозни закани кон советник во Советот на Општина Велес, како и врз животот и телото на членовите на нејзиното семејство“ се наведува во соопштението на МВР.
Според полицијата заканите дошле откако оштетената, која на Локалните избори одржани оваа година е избрана за советник во Советот на Општина Велес од редовите на политичката партија ВМРО-НП, на 12.04.2013 година при конституирањето на новиот состав на Советот на Општина Велес се изјаснила дека преминува во советничката група на коалицијата „За подобра Македонија“. Поради овој чин како што се наведува во соопштението, вечерта окулу 22,30 часот на нејзиниот телефон и се јавил првопријавениот упатувајќи и повеќе навреди обвинувајќи ја дека за преминувањето има добиено пари, со напомена дека треба да се видат и да го решат проблемот.
– „На 13.04.2013 година, во 10,30 часот, второпријавениот во својство на претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-НП, по претходна најава отишол во домот на оштетената. Во разговор со оштетената и нејзиниот сопруг, тој упатил сериозни закани кон оштетената и нејзиното семејство. Околу 10,40 часот во домот на оштетената пристигнал неповикано и потпретседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-НП и по разговор од околу триесетина минути за време на кој немало други закани ниту навреди, заедно со второпријавениот заминале од домот на оштетената.
На 14.04.2013 година окулу 10,30 часот, второпријавениот и се јавил телефонски на оштетената и ја известил дека вечерта ќе има состанок на Општинскиот комитет на ВМРО-НП во просториите на партијата во Велес, но поради тоа што оштетената претпоставувала дека ќе има одредени притисоци му кажала дека нема да дојде на состанокот. Истиот ден околу 12,30 часот телефонски ја побарал и А.Н. и побарал да дојде на состанок во 20,00 часот во просториите на партијата. Таа одлучила да дојде на состанокот на Општинскиот комитет на ВМРО-НП за да им ги објасни на членовите и нејзини пријатели, причините за нејзината одлука да премине во спротивната политичка опција. Кратко време по нејзиното доаѓање на состанокот се појавил првопријавениот во својство на Координатот на третата изборна единица од редовите на ВМРО-НП. На состанокот пред присутните првопријавениот побарал да се разговара за случајот и побарал таа да го врати мандатот. Таа не сакала за сите причини на нејзината одлука да зборува пред сите присутни по што првопријавениот им рекол да ја напуштат просторијата и тој и неговиот заменик останале да разговараат со неа.
Сопругот на оштетената кој бил пред објектот каде се одржувал состанокот бил известен од член на одборот дека таа останала сама со двајцата и дека може да има проблеми по што тој повикал полиција. Од страна на групата за интервенција излезено е на лице место но од страна на оштетенета им било кажано дека ќе разговара со двајцата за да се разреши состојбата по што полицајците си заминале. Кога останале сами првопријавениот почнал да и упатува сериозни закани по нејзиниот живот и животите на членовите на нејзиното семејство.
Од оваа постапка на првопријавениот, оштетената видно се вознемирила и се уплашила за својот живот и животот на своето семејство па по враќањето на членовите на Општинскиот комитет го напуштила состанокот и заминала со својот сопруг по што случајот го пријави во полиција.“, се наведува во соопштението на МВР.
По синоќешното приведување на Близнаковски, кој денеска беше пуштен на слобода, од ВМРО-НП излегоа со соопштение во кое ја обвинија полицијата за кршење на човековите права, односно дека координаторот на Изборната единица 3 на општинските избори во Велес и член на Извршниот комитет е приведен без претходно објаснување.