/ Прочитано:

2.001

Кривични пријави за предизвикување шумски пожар

МВР објави соопштение во врска со поднесени кривични пријави за предизвикување шумски пожар.

„Секторот за внатрешни работи Битола – полициска станица од општа надлежност Македонски Брод поднесе кривична пријава против С.И. (48) и Ј.И. (49), двајцата од Македонски Брод поради постоење основи на сомнение дека пријавените сториле кривични дела предизвикување општа опасност, предвидено и казниво по член 288, став 4 и кривично дело предизвикување шумски пожар, казниво по член 227, став 4 од Кривичниот законик на Република Македонија. Имено, на 4.8.2017 околу 12.00 часот во с. Могилец, Македонски Брод, во дворното место од куќа сопственост на пријавените започнал пожар што подоцна се проширил, при што биле опожарени две напуштени куќи, сандаци со пчели, но бил предизвикан и шумски пожар и била опожарена значителна површина со борова шума. Од преземените мерки постојат сомненија дека пријавените фрлиле отпушок од цигари во сено и предизвикале пожар што подоцна се проширил.

Полициска станица од општа надлежност Македонски Брод поднесе и посебен извештај против Д.К. (36) од село Косово, Македонски Брод, поради постоење основи на сомнение дека пријавениот сторил кривично дело предизвикување шумски пожар, казниво по член 227 од Кривичниот законик на Република Македонија, а во врска со пожарот настанат на 25.7.2017 година што најпрво започнал во ловечки објект, а подоцна се проширил на места викани ’Бигор’ и ’Круша’ над село Требовле“, известуваат од МВР.

Исто така, додаваат од МВР, полициска станица од општа надлежност Македонски Брод поднесе и записници за констатирани прекршоци по член 54  од Законот за шумите до надлежен инспектор во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство против две лица: Р.В. (61) од Скопје со престој во село Долно Зркле и против М.С. (82) од село Заград. Сторителите предизвикале отворен пожар во селата Заград и Зркле.

M.В