/ Прочитано:

1.301

Кривични пријави за седум демонстранти поради фрлање боја на зградата на Министерството за култура и на Порта Македонија

Пријавените се осомничени за делото учество во толпа што ќе изврши кривично дело

Порта Македонија

Во врска со протестите кои се случуваат во Скопје, СВР Скопје до надлежното ОЈО Скопје поднел две кривични пријави против седум лица, и тоа: против П. Б. поради постоење основи на сомнение за извршени две кривични дела учество во толпа што ќе изврши кривично дело во деновите 18.4.2016 и 30.5.2016 година, додека против лицата М. З., И. М., С. С. К., А. Г. и Н. П., сите од Скопје, и А. К. од Охрид, поради постоење основи на сомнение за извршено едно кривично дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело предвидено и казниво по чл. 385 од КЗ на РМ на ден 30.5.2016 година.

Првиот осомничен одговара за фрлање на повеќе балони со боја кон зградата на Министерството за култура, која е објект кој има значење на културно наследство.

„Од страна на Единицата за брзо распоредување при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, која била ангажирана за обезбедување на протестот пред зградата на Министерството за култура, доставен е снимен видеоматеријал од одржаниот протест. Врз основа на извршениот увид во снимениот видеоматеријал, идентификуван е првопријавениот како учесник во толпата на одржаниот протестен собир“, се наведува во соопштението на МВР.

Првоосомничениот и останатите шестмина се обвинети и за оштетување на Порта Македонија, која е недвижно културно наследство – културен споменик, со фрлање боја, со што причиниле материјална штета околу 3000 евра.

„Имено, од страна на полициски службеници од СВР Скопје кои биле службено ангажирани за обезбедување на протестниот собир, бил забележан пријавениот П. Б. како од комбе марка ‘фиат добло’, со скопски регистарски ознаки, во сопственост на политичката партија СДСМ, а управувано од пријавениот, паркирано на ул. 11 Октомври во непосредна близина на објектот Порта Македонија, извадил импровизирана направа катапулт и две кеси со боја, кои подоцна се искористени за оштетување на објектот Порта Македонија“, се наведува во соопштението.

Од МВР наведуваат дека подоцна околу 20:00 часот, од страна на полициски службеници при СВР Скопје, при вршење на редовни работни задачи било сопрено комбето марка „фиат добло“, управувано од пријавениот Н. П. и при извршениот преглед на возилото биле забележани канти со боја и импровизирани направи катапулти за исфрлање боја, поради што тој е лишен од слобода, додека комбето марка „фиат добло“ е донесено во ПС „Кисела Вода“, каде што било заклучено од страна на сопственикот и адвокатот кој побарал наредба за претрес на возилото.

За настанот бил известен и јавен обвинител, а полицијата по наредба на ЈО извршила претрес во возилото, а обезбедила и фото- и видеодокументација за настанот.